Обвнувањата дека Израел врши геноцид во Газа претставуваат „најголемата лага на векот“, порача израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во својот говор пред Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Нетанјаху се осврна и на американско-израелските напади врз Иран, нагласувајќи дека одлуката за таа акција била една од најлесните што некогаш морал да ја донесе.
„Одлуката за напад врз Иран е една од најлесните досега“, истакна Нетанјаху.
Бранејќи ги израелските напади врз Либан, за време на обраќањето пред делумно празната сала на Генералното собрание на ОН, Нетанјаху во еден момент во раката крена пејџер.
„Се сеќавате ли на ова?“, праша Нетанјаху, алудурајќи на нападот со пејџери во Либан во септември 2024 година, кога истовремено експлодираа пејџерите на илјадници припадници на Хезболах, при што загинаа десетици луѓе, а илјадници, вклучително и случајни минувачи, беа повредени.

„Да не го сторевме тоа, сите ќе бевме мртви“, порача израелскиот премиер.
Нападите врз Палестинците на Западниот Брег дело на „неколку малолетни деликвенти“
Во однос на нападите на насилните еврејски доселеници врз Палестинците на Западниот Брег, Нетенјаху рече дека тоа се постапки на само „неколку малолетни деликвенти“.
„Она што го прикажуваат медиумите е грст малолетни деликвенти. Станува збор за околу 150 луѓе кои фрлаат камења и ги корнат маслиновите дрвја од земјата“, рече Нетанјаху, нагласувајќи дека го осудува тоа насилство.
Сепак, според него, нападите на доселениците врз палестинското население добиваат „непропорционално голем медиумски простор“, додека нападите врз доселениците се премолчуваат.
Нетанјаху во обраќањето го нападна и првиот човек на Њујорк, Зохран Мамдани, кого го нарече „антисемитски градоначалник“.
„Многу Евреи во Њујорк повеќе не се чувствуваат безбедно, откако Мамдани стана градоначалник“, рече Нетанјаху.

Мамдани важи за еден од најострите критичари на Нетанјаху во САД, нарекувајќи го „воен злосторник“ и обвинувајќи за геноцид врз Палестинците во Појасот Газа.
„Моралните кукавици“ ја напуштија салата
Кога Нетанјаху излезе на говорницата на Генералното собрание на ОН, десетици лица ја напуштија салата. Нетанјаху ги нарече „морални кукавици“ и праша „дали има и други кукавици што сакаат да ја напуштат салата“.
„Израел брани многу земји чии делегации ја напуштија салата“, рече Нетанјаху.
Меѓу делегациите што ја напуштија салата беше и иранската. Претставниците на Иран кога излегоа од салата на масата пред нивните празни столчиња поставија портрет на генералот Касем Сулејмани, кој беше убиен во американски воздушен напад во Багдад на почетокот на 2020 година.
Протести пред ОН поради присуството на Нетанјаху
Непосредно пред говор на Нетанијаху во Генералното собрание, пред седиштето на Обединетите нации се одржаа протести против него, при што полицијата уапси најмалку 30 лица, вклучтелено и актери и политичари.
Меѓу уапсените беше и оскаровката Сузан Сарандон, добитничката на Еми, Хана Ајнбиндер, демократската кандидатка за членка на Конгресот, Даријалиса Авила Шевалие и членката на Градскиот совет на Њујорк, Чи Осе.
Мамадани: Останува фактот дека е издаден налог за апсење на Нетанјаху
На обвинувањата на Нетанјаху одговори и њујоршкиот градоначалник Мамдани, кој го обвини израелскиот премиер дека го искористил својот говор во Њујорк „за да ги повтори неоснованите лаги чија цел е да се оправда неговиот геноцид врз Палестинците“.
„Ниту една лага не може да го промени фактот дека Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Нетанјаху“, порача Мамдани.

