Невладината организација Куќа за човекови права Бања Лука ги осуди постапките на полицајците во Дистрикто Брчко и во градот Добој, како и насилните инциденти и напади врз српските студенти во Вишеград, кои престојуваа во Босна и Херцеговина во рамки на изборната кампања на „Студентската листа – Студентите победуваат“ за парламентарните избори во Србија на 25 октомври,
„Особено е загрижувачки што јавните закани и повиците за линч на студентите дојдоа по заканите преку социјалните медиуми и изјавите потпишани од здружение, што директно ја загрозува безбедноста на младите луѓе и создава атмосфера на страв“, се наведува во соопштението на Куќата за човекови права.
Организацијата потсетува дека правата на слобода на движење, собирање и изразување се универзални и уставно загарантирани човекови права и додава дека секое неоправдано ограничување на овие права, заплашување или демонстрација на сила врз младите луѓе кои мирно учествуваат во општествени активности, претставува директен напад врз темелите на демократското општество и владеењето на правото.
Според нив, полициските власти во Дистриктот Брчко и во Добој имаат законска обврска да дејствуваат исклучиво во служба на безбедноста на граѓаните и посетителите, почитувајќи ги највисоките стандарди на човековите права, и на никаков начин како инструмент на политички партии, репресија или притисок.
„Покрај полициските акции, особено сме згрозени од пријавените напади врз студенти во Вишеград. Насилството, по која било основа и против било кого, е апсолутно неприфатливо“, се вели во соопштението.
Куќата за човекови права бара од надлежните институции веднаш да спроведат независна истрага за постапките на нивните службеници во Брчко и Добој и да го санкционираат секое пречекорување на полициските овластувања и ограничувања на основните права, како и итно да ги идентификуваат, притворат и соодветно да ги санкционираат сите лица одговорни за нападите врз студентите.

