Градот Сплит го промени составот на Жири комисијата која ќе одлучува за концептуалниот дизајн на споменикот на папата Јован Павле II, што треба да биде поставен на сплитскиот плоштад „Фрањо Туѓман“, пред црквата „Свети Фране“.
Како што јави „Слободна Далмација“, од комисијата е разрешен свештеникот Вјенцеслав Кујунџиќ, и на негово место е поставен свештеникот Младен Парлов, кој е поранешен декан на Католичкиот теолошки факултет во Сплит.
Кујунџиќ стана познат за пошироката јавност откако во 2011 година служеше миса за поглавникот на фашистичката творба Независна Држава Хрватска, Анте Павелиќ.
Именувањето на Кујунџиќ за член на Комисијата предизвика жестоки реакции, по што градоначалникот на Сплит, Томислав Шута, го објави неговото разрешување поради „здравствени причини“.
Наследникот на Кујунџиќ, Парлов е познат по повремени критики за одредени постапки на Католичката црква. За време на пандемијата на коронавирусот, тој изрази јавно несогласување со одредени мерки и упатства на Ватикан и Хрватската бискуписка конференција. Во тоа време, тој тврдеше дека мисите не треба да се укинуваат, туку дека тие „мора да се одржат дури и по цена на животите на свештениците“, а секој верник, според сопствената совест, треба да одлучи дали ќе присуствува на нив.

