Ако една земја потоне поради порастот на нивото на океаните и морињита, таа сè уште ќе има третман на држава, а нејзините жители ќе го задржат своето државјанство.
Ова се главните поенти од Декларацијата усвоена едногласно од страна на Генералното собрание на ОН. Иако, Декларацијата не е правно обврзувачка, таа сепак претставува важен политички сигнал.
Документот предвидува дека жителите на островските држави загрозени од порастот на нивото на океаните и морињата можат да го задржат своето државјанство, дури и откако нивната земја ќе исчезне. Исто така, на тие земји ќе им биде дозволено „да ги задржат“ своите граници дури и ако бидат целосно потопени, до што други држави едноставно не би можеле да одат таму на риболов на тоа подрачје.
Декларацијата се смета за голема победа на коалицијата на мали островски држави, како Тувалу или Маршалските Острови во Тихиот Океан, кои со години водат тешка битка за признавање на нивната тешка положба поради растот на морското ниво како последица климатските промени.

Документот, исто така, е важен е и за жителите на овие земји, бидејќи дури и ако тие држави исчезнат физички, правно би продолжиле да постојат. Како резултат на тоа, нивните жители кои како „климатски бегалци“, ќе мора да ја напуштат својата земја која тоне, не да остануваат без државјанство.
Ваквата одлука е значајна и од причина што овие островски земји имаат минимален придонес кон климатските промени, а сепак се нивни први жртви со порастот на нивото на океаните и морињата.
Дури и Трамп ја поддржа Декларацијата
Усвоената Декларација на ОН ја потврдува изјавата на Меѓународниот суд на правдата од минатата година, во која се наведува дека „државите што губат дел од својата територија не мора нужно да го изгубат својот статус на држава“.

Пособно значајно е тоа што документот е усвоен едногласно, во услови на значајни поделби меѓу членките на ОН.
Дури и САД, кои под водство на претседателот Доналд Трамп се обидуваат да ги ограничат меѓународните активности поврзани со климата, гласаа „за“ оваа Декларација.
Сите земји имаат корист од Декларацијата
Според правникот и советник на коалицијата на мали островски држави Брајс Рудик, од документот корист практично би имале сите земји.
„Сите ќе изгубат копно, а никој не сака да изгуби територија во океанот“, изјави Рудик за климатската веб-страница „Гриск“.
Рудик истакнува дека некои богати земји, исто така, се соочуваат со ризик да ја изгубат контролата врз крајбрежните нафтени ресурси, минералите или ветерници за противодство на електрична енергија, доколку нивните граници се поместат поради растот на морското ниво.

Генералниот секретар на Обединетите нации во заминување, Антонио Гутереш оцени дека Декларацијата претставува „пресвртница што сега мора да се претвори во дела“, потенцирајќи дека мора да доведе до правно обврзувачки договор.
„Не смееме да дозволиме земји и култури да исчезнат под брановите. Испратен е повик за помош. Светот мора да реагира“, додаде Гутереш.
Зошто се покачува морското ниво?
Порастот на нивото на океаните и морињата е директна последица на климатските промени, бидејќи со растот на температурите се топат ледените покривки на копното и таа вода завршува во морињата, со што нивното ниво постојано расте.

Според податоците на американската Национална аеронаутичка и вселенска администрација (НАСА), од 1993 година, па до сега, нивото на океаните и морињата во просек е пораснато за 14 сантиметри.
Тоа можеби звучи како мала бројка, но за островите што се наоѓаат веднаш над нивото на морето, тоа е многу. Тие сега се соочуваат со значително почести поплави отколку пред неколку децении.
Иднина на овие острови е неизвесна, имајќи предвид дека дури и ако се спречат понатамошни климатски нарушувања, морското ниво, иако со намалено темпо, ќе продолжи да расте.

