Куќниот притвор за Артан Груби истекува на 13 октомври по сила на закон, а тој поднел гаранција од недвижен имот во вредност од 335.707 евра за која надлежните допрва треба да се изјаснат.
Обвинителниот предлог во предметот бил поднесен на 13 август, а согласно Законот за кривичната постапка, притворот во вакви случаи може да трае најмногу 60 дена од денот на поднесувањето на обвинителниот предлог, информира Кривичниот суд.
Од Судот појаснуваат дека по истекот на куќниот притвор ќе продолжи да важи дополнителната мерка на претпазливост – привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.
Неговата одбрана до Судот доставила предлог со кој бара укинување на оваа мерка со определување гаранција.
Имено, одбраната понуди недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција дека обвинетиот ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка.
По понудената гаранција е оформен предмет, кој е доставен на мислење до надлежното јавно обвинителство, информира Кривичниот суд.
Поранешниот вицепремиер Артан Груби е второосомничен во случајот со злоупотреби во Државна лотарија. Тој беше во бегство, но потоа сам се предаде на граничниот премин Блаце.

