По вчерашниот ракетен напад на јеменските шиитски бунтовниви Хути врз меѓународниот аеродром во саудискиот главен град Ријад, при што беа повредени десетици цивили, американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека САД би можеле да ѝ се придружат на Саудиска Арабија во одговорот на нападот.
Според „Њујорк пост“, на новинарско прашање дали Вашингтон воено ќе ја поддржи Саудиска Арабија во одговор на нападите, Трамп ја оставил таа можност отворена.
„Можеби ќе го сториме тоа. Ќе ја разгледаме ситуацијата. Тукушто дознавме за овој последен напад, па ќе донесеме одлука. Дејствуваме многу брзо“, рече Трамп.
Саудиската управа за цивилно воздухопловство ги потврди нападите, објави дека има повеќе повредени и најави привремено прекинување на сите летови.
„Овој напад се случи како дел од континуирани и очигледни напади врз објектите на цивилното воздухопловство“, објави управата на социјалните мрежи.
Поради нападот беа пренасочени или откажани речиси 300 летови до Ријад. Неколку авиокомпании, меѓу кои „Кувајт Ервејс“, „Етихад Ервејс и „Катар Ервејс“ ги откажаа сите летовите најмалку до понеделник.
Ова е трет напад врз саудиски аеродром оваа недела. Во претходните два напади загинаа четири лица, вклучувајќи и саудиски пилот.

