Два дена пред официјалниот почеток на грејната сезона, парно греење ќе добијат потрошувачите приклучени на системот за греење којшто го управува АД ЕСМ.
Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), за 13 октомври е прогнозирана средна надворешна температура од 12 °C, со што се исполнети условите за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија, согласно одлуката на РКЕ. До 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавуваат информации за тоа дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден, посочува АД ЕСМ.
Апелираат до сите корисници да ги завршат подготовките на своите внатрешни грејни инсталации, а заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници, редовно електрично напојување и да ги подмират сметките за електрична енергија.
За дополнителни информации, пријавување дефекти и известување за завршени интервенции, потрошувачите можат да се обратат во Центарот за грижа на потрошувачи на ЕСМ Снабдување, на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, како и во службите на ЕСМ Енергетика на телефонските броеви 02 3104 816 и 02 3104 872.

