Украинскиот парламент денеска усвои закон со кој се регулираат јазичните права на националните малцинства во образованието, реформа на која инсистираше Унгарија како услов за напредок во преговорите за пристапување на Украина во Европската Унија.
Со законот, како што соопшти украинскиот парламент, се прошируваат можностите за користење на јазиците на националните малцинства кои се официјални јазици на Европската Унија, како и на јазиците на народите кои се староседелци во Украина во образовниот процес и комуникацијата во образовните институции.
За законот гласаа 266 пратеници, што е повеќе од потребното мнозинство. Сепак, тој треба да биде објавен од претседателот Володимир Зеленски за да стапи во сила.
Усвојувањето на законот исполнува едно од главните барања на Будимпешта, која напредокот во пристапните преговори на Украина го поврзуваше со подобро почитување на правата на унгарското малцинство во Закарпатието, регионот во западниот дел на Украина со значително унгарскојазично население.
Во 2017 година, усвојувањето на закон со кој украинскиот јазик беше утврден како главен јазик во средното образование предизвика реакција од тогашната унгарска влада, која го блокираше почетокот на преговорите за пристапување на Украина во ЕУ.
Со доаѓањето на власт на проевропска влада во Унгарија, предводена од Петер Маџар, Будимпешта во јуни го повлече ветото за започнување на преговорите, но продолжи да го обвинува Киев дека целосно не ги исполнува преземените обврски кон унгарската заедница.
„Украинско-унгарскиот дијалог се засилува, заснован на меѓусебно почитување, добрососедство и заедничка европска иднина, во интерес на нашите народи“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха во Луксембург.
Сибиха го поздрави гласањето, оценувајќи дека усвојувањето на законот би можело да му овозможи на ЕУ официјално да отвори два нови преговарачки кластера со Украина и Молдавија во Луксембург.
Тој ова го изјави по денешната средба со украинската колешка Анита Орбан во Луксембург. Сибиха додаде дека двајцата се сретнале во рамки на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, каде што, како што наведе, „взаемно си честитале за успешното спроведување на билатералните договори“.

