Поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп падна на рекордно ниско ниво, додека високите цени на горивата и загриженоста за економијата дополнително ги влошија изгледите за неговата Републиканска партија пред изборите за Конгресот на 3 ноември, покажува анкетата на „Ројтерс/Ипсос“.
Според истражувањето спроведено меѓу 1.679 возрасни Американци, 31 отсто од испитаниците ја одобруваат работата на Трамп – што претставува пад од еден процентен поен во споредба со состојбата пред две недели и е најниското ниво забележано за време на неговиот претседателски мандат.
Доколку изборите за Конгресот се одржеа денес, 47 отсто од регистрираните гласачи би гласале за демократите, додека 35 отсто би гласале за републиканците.
Предноста на демократите од 12 процентни поени е најголемата забележана досега во овој изборен циклус.
Падот на поддршката за републиканците е особено изразен кај жените; 50 отсто од нив би гласале за демократите, наспроти 32 отсто кои би гласале за републиканците.
Популарноста на Трамп опадна по воените напади што САД и Израел ги извршија врз Иран во февруари, што доведе до пораст на цените на горивата.
Дури 68 отсто од испитаниците не го одобруваат начинот на кој американскиот претседател управува со економијата, вклучително и 37 отсто од гласачите кои се републиканци. Демократите исто така имаат предност кога станува збор за довербата во управувањето со економијата – 40 отсто од испитаниците сметаат дека тие подобро би се справиле со ова прашање, во споредба со 33 отсто кои им даваат предност на републиканците.
Истражувањето беше спроведено онлајн, со маргина на грешка од два процентни поени за сите испитаници и три процентни поени за регистрираните гласачи.
Поддршката за Трамп падна на рекордно ниско ниво; Демократите во водство пред изборите

