Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, ќе му предложи на рускиот претседател Владимир Путин одржување директни трилатерални преговори со американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, со цел постигнување прекин на огнот, изјави синоќа норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
Говорејќи на прес-конференција по средбата со Зеленски и финскиот претседател Александар Стуб во Осло, Сторе рече дека Виткоф ќе им ги претстави на руските претставници идеите од вчерашната средба, како и предлозите од „европските и американските колеги“, пренесува Политико (издание за Брисел).
Зеленски изјави дека Украина е подготвена за преговори и дека е важно да се покажат знаци на деескалација.
Тој напомена дека со американската страна се разговарало за безбедносни гаранции за Украина, вклучително и можноста за активирање на членот 5 од Договорот на НАТО, како и опција опишана како „член 5-лајт“ (полесната верзија на членот 5).
Според него, документот што Виткоф ќе ѝ го претстави на руската страна содржи различни видови безбедносни гаранции, а одговор се очекува во рок од еден ден.
Зеленски повтори дека територијалните прашања мора да се решаваат на највисоко ниво и изрази подготвеност за трилатерална средба на која би учествувале рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „Русија сака да ја заврши војната во Украина“ и дека „Украина мора да сака војната да заврши“.
„Сакаме (Володимир) Зеленски да склучи договор. Би сакал да видам дали можеме да постигнеме спогодба. Ѝ дадовме многу на Украина, а за возврат не добивме апсолутно ништо“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба во Белата куќа.
Тој оцени дека Русија има предност во тековната војна.
„Русија е голема машина. Тие постојано напредуваат. Зазедоа многу голема територија“, рече Трамп. Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека средбата меѓу специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, и украинскиот претседател Володимир Зеленски била „позитивна“ и дека за време на разговорот немало неочекувани прашања или изненадувања.
„Тој (Виткоф) сега ќе може да ги пренесе овие идеи во Санкт Петербург и да ѝ ги претстави на руската страна, па ќе видиме дали можеме да постигнеме одреден напредок“, изјави Рубио за новинарите во Мумбај, за време на дводневната посета на Индија, пренесува Ројтерс.
За денеска е предвидена средба на Виткоф со рускиот претседател Владимир Путин, по разговорите со Зеленски одржани во вторникот во Осло – на кои присуствуваа и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе и финскиот претседател Александар Стуб.
Сторе: Виткоф ќе предложи трилатерална средба со Путин, Трамп и Зеленски

