Претседателот на СНСД, Милорад Додик, изјави дека очекува неговата посета на САД да биде успешна и да резултира со најдобар можен исход за Република Српска. Тој им порача на Бошњаците – кои се обидуваат да ја минимизираат оваа посета – да се фокусираат на сопствените проблеми, да си ја дефинираат позицијата и конечно да сфатат дека меѓународните околности се променети.
Додик се пофали дека патува во Америка на собир посветен на дискусија за политичките активности планирани за следните две години, чија цел е да се обезбеди континуиран напредок и соработка меѓу суверенистичките сили на глобално ниво, водени од политиките на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во телефонска изјава за неговата новинската агенција „Срна“, тој наведе дека поканата ја добил уште пред извесно време, дека безбедносните проверки се завршени и дека сега има можност да присуствува на овој значаен настан – каде што планира да ја претстави Република Српска и нејзината моментална реалност во најдобро можно светло.
Додик нагласи дека ќе му биде чест да се сретне со членови на американскиот Конгрес, истакнати политички личности и деловни лидери кои се дел од движењето „MAGA“ – што претставува одлична можност за промовирање на Република Српска.
Тој посочи дека многумина – особено во Сараево – се обидуваат да ја омаловажат посетата. Нагласи дека во неа не се вклучени Бошњаци, факт што ги фрустрира и ги наведува да упатуваат цинични коментари во изминативе денови. „Тие не се таму каде што одам јас – ниту во Мар-а-Лаго, ниту во Мајами, а и никогаш нема да бидат. Ќе има само повторно некои злобни коментари, и ништо повеќе“, рече Додик.
Според него, муслиманите – кои подоцна станаа Бошњаци – мора да разберат дека меѓународните околности се променети и дека чекањето да заврши мандатот на Трамп е залудно. „Сепак, дотогаш многу работи ќе бидат завршени. Во таа смисла, тие треба да се подготват за конечен дијалог со Хрватите и со нас, за да можеме да воспоставиме рамка што првенствено ќе го зачува мирот во БиХ и ќе овозможи земјата мирно да функционира, истовремено решавајќи ги постоечките проблеми“, изјави Додик.
Додик им се фали на Бошњаците: Фокусирајте се на сопствените проблеми и дефинирајте си ја позицијата

