Финскиот министер за одбрана, Анти Хаканен, синоќа ја обвини Русија дека подготвува бројни акти на саботажа низ Европа, додавајќи дека земјата е „очајна“ бидејќи нејзините воени операции на украинскиот фронт не напредуваат според очекувањата.
Тој оцени дека заканата од саботажи во Европа е зголемена и изјави дека Финска го зголемила нивото на подготвеност во тој поглед, пренесува финскиот јавен сервис „Yle“.
„Што се однесува до безбедноста на границите, веќе презедовме значителни чекори. Нивото на закана брзо се прилагодува врз основа на препораките од безбедносните служби. Исто така, засилено е и нивото на заштита на критичната инфраструктура“, изјави Хаканен.
Според него, одлуката на Естонија да ја затвори границата со Русија е логична последица по обидот за саботажа.
Просториите на естонскиот производител на беспилотни летала „Threod Systems“ беа цел на обид за подметнување пожар во текот на ноќта меѓу 13 и 14 ноември; естонските безбедносни служби за инцидентот ја обвинуваат руската воена разузнавачка служба, ГРУ.
Естонскиот премиер Кристен Михал вчера побара да се преземат неопходните чекори за затворање на источната граница на Естонија со Русија.
Москва ќе ги истражи извештаите дека Талин планира да ја затвори границата со Русија, изјави синоќа портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Според неа, доколку тоа се покаже како точно, ќе станува збор за „уште еден бран на агресивна и неконтролирана русофобија“, пренесува агенцијата РИА Новости.
Фински министер за одбрана: Обидот за саботажа во Естонија е доказ дека Русија е очајна

