Активист за заштита на климата денеска на кусо го прекина завршниот состанок на 31-та Конференција за климатски промени на ОН (КОП31), што се одржува во турскиот град Анталија, довикувајќи им на претседавачите: „Ја убивате иднината!“
„Го убивте ограничувањето од 1,5 степени“, извика активистот, пред да биде изведен од салата, проследен со аплауз од дел од присутните.
Неговата забелешка се однесуваше на неуспехот на учесниците на КОП31 за договор за мерки за ограничување на максималното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, што беше предвидено во Парискиот договор за климата.
Откако до предвидениот краен рок 18:00 часот по локално време (16:00 часот по средноевропско време) учесниците на КОП31 не постигна договор за завршниот документ на Конференција, донесена е одлука за продолжување на сесијата.
Со ова продолжува традицијата на продолжување на Конференциите за климатски промени. Последниот КОП што завршил навреме се одржа пред 23 години.

Активистички групи се собраа на протест пред влезот во пленарната сала пред почетокот на продолжението на пленарната седница, носејќи транспаренти со натписи „Неуспех“ и „Срамно“.
Поради ова стартот на продолжението беше одложен за еден час за во 21:00 часот по локално време (19:00 часот по средноеврропско време).
Без договор за завршната декларација
Климатските активисти проценуваат дека предложениот текст на завршната деклатација на КОП31 всушност претставува чекор назад во споредба со претходните конференции.
Пред три години во Дубаи, текстот содржеше одредба за „транзиција со ослободување од фосилните горива“, но таа формулација веќе ја нема во новиот предлог-документ.
Исто така, исфрелени се и одредбите за климатското финансирање на сиромашните земји.

Дури веќе не е целосно извесно дали во документот ќе се најде и прашањето за зголемена електрификација. Главниот спор е околу тоа дали треба да стои оти дополнително произведената електрична енергија мора да потекнува од „зелени“ извори.
Комплексот полека се празни
Медиумите од Анталија јавуваат дека фактот што климатската конференција трае подолго од предвиденото, има последици и врз самите преговори.
Имено, колку подолго траат тие, толку повеќе делегации си заминуваат, било затоа што мораат да заминат на друго место или затоа што дополнителното ноќевање во хотел е едноставно прескапо.
Ова особено важи за посиромашните земји, што значи дека колку подолго се чека за постигнување договор, толку влијанието на сиромашните ќе биде помало.

