Евопската Унија инсистира во финалниот текст на 31-та Конференција за климатските промени (КОП31), што се одржува во турскиот град Анталија, да биде вклучена и одредба за постепено исфрлање од употреба на фосилните горива.
„Во финалниот текст мора да има поголема амбиција со целосна јасност и со сите предности и недостатоци. Во спротивно, нема да има договор“, предупреди утрово еврокомесарот за климата Вопке Хукстра.
Во првичната нацрт-верзија стоеше оваа одредба, но на инсистирање на земјите извознички на нафта таа беше избришано во конечно прдложената завршна декларација.
Исто така, Хукстра бара да се намали просторот за технологиите за зафаќање на јаглерод диоксид, кои се користат за исполнување на климатските цели. Овие технологии, во климатскиот жаргон познати како ЦЦС, беа вклучени во текстот на барање на земјите производители на нафта.

Преговорите за завршната декларција на КОП31 продолжуваат и денеска, откако синоќа до доцна во ноќата учесниците на пленарната седница не постигнаа договор за документот.
Покрај одредбата за исфрлање на фосилните горива, несогласувањата постојат и околу тоа колку брзо светот треба да се обиде постепено да ги укине емисиите на стакленички гасови, потоа околу климатското финансирање за сиромашните земји, како и за улогата на науката во целиот процес.
Европската „црвена линија“ е дежа-ви: Дали овојпат ќе донесе резултат?
Ставот на ЕУ што го постави Хукстра како „црвена линија“ за усвојување на завршниот документ, не претставува новост. ЕУ постави слична „црвена линија“ и на климатската конференција во Белем минатата година.
„Ќе бидам сосема јасен. Ова не можеме да го прифатиме на кој било начин“, изјави тогаш Хукстра, во однос на тоа што во завршниот документ немаше јасен план за тоа како постепено од употреба ќе се исфрлат нафтата, гасот и јагленот. Но, веќе следниот ден, ЕУ попушти и се согласи на договор без таква одредба.
Се чини дека оваа година Хукстра остава малку повеќе простор. Тој не бара детален план со конкретни чекори, туку само спомнување на тие горива.

Сепак, останува да се види дали тој дополнителен простор ќе биде доволен за да ги убеди противниците.
Саудиска Арабија и Русија, меѓу другите, остро се спротивставуваат на какво било спомнување на горивата од кои заработуваат огромни суми пари.
Турција и Австралија, кои претседаваат со КОП31, се обидуваат да ги придобијат овие земји така што, на нивно барање, експлицитно ги вклучуваат технологиите за зафаќање на јаглерод диоксидот во договорот, со што не се согласува ЕУ.
Пред ЕУ останува или и овој пат да отстапи од „црвени линии“ и да го наруши својот кредибилитет или да оди докрај да дозволи климатската конференција да заврши неуспешно.

