Учесниците на 31-та Конференција за климатските промени (КОП31), што се одржува во турскиот град Анталија, ни денеска не успеаја да постигнат договор за финалната декларација на собирот, откако ЕУ одбива да отстапи од барањето за вклучвање во документот на одредба за постепено исфрлање од употреба на фосилните горива, на што се противат земјите производители на нафта и гас.
Еврокомесарот за климата Вопке Хукстра утрово порача дека ако во финалниот текст не се вметне „поголема амбиција со целосна јасност“ за фосилните горива, можно е Конференцијата да заврши без усвојување на завршен документ.
КОП31 требаше да заврши вчера, но поради тоа што не беше поситгнат договор за финалниот документ, преговорите меѓу учесниците продолжија и денеска.
По денешниот неуспешен ден на преговори, претседавачот на КОП31, Мурат Курум, изјави дека е исцрпен од барањата за измени или ставањето вето на одредени делови од конечниот договор.

„Ги повикувам сите земји да постапуваат одговорно. Инсистирањето на одредени зборови или реченици никому не помага да се придвижиме напред. Тоа го уништува процесот“, порача Курум.
Кодомаќините Турција и Австралија и нивните интереси со фосилните горива
Проблемот со вклучувањето на одредбата за фосилните горива не е нов, па така на претходните конференции, некои од земјите домаќини, кои заработуваат огромни суми од извоз на нафта и гас, како Обединетите Арапски Емирати и Азербејџан, беа критикувани дека не се заложиле за оваа барање поради свои интереси.
Оваа година тоа не толку драстичен случај со кодомаќините, Турција и Австралија, но сепак и тие се длабоко вклучени во експлоатацијата на фосилни горива.
Австралија е вториот најголем извозник на јаглен во светот, веднаш по Индонезија. Во септември, дозволата за експлоатација на нејзиниот рудникот за јаглен „Сараџи“ беше продолжена за до 2055 година, односно за пет години откако Австралија, според сопствените климатски цели, треба целосно да престане со емитувањето стакленички гасови.
Лани во септември Австралија отвори ново наоѓалиште за гас. Според еколошките организации, во атмосферата од таму ќе се испуштаат количества на стакленички гасови што се три пати поголеми од вкупните годишни емисии на Австралија.

И Турција има големи планови. Таа има за цел до 2030 година да произведува еден милион барели нафта дневно, три пати повеќе отколку сега.
Турскиот министер за енергетика, Алпарслан Бајрактар, го објави ова, што е особено симптоматично, само две недели пред почетокот на овој КОП.
КОП31 ја доби наградата „Колосален фосил“
По традиција, на крајот од секоја климатска конференција, активистичката група Мрежа за климатска акција (КАН) ја доделува сатиричната награда „Колосален фосил“ на земјата или организацијата што најмногу го попречила постигнувањето договор за завршниот документ.
Оваа година, таа награда групата му ја додели на самиот КОП31.
„Колосално губење време. Колосално одвлекување на вниманието. Колосална неправда“, наведе КАН во образложението на „лауреатот“.

