Инструктор по алпинизам од Србија вчера попладне се здобил со тешки телесни повреди откако се лизнал при искачување на карпите над реката Вардар во демиркаписко.
Информацијата ја потврдија од Секторот за внатрешни работи од Велес од каде информираат дека вчера во 13:35 часот, во ОВР – Неготино било пријавено дека во реон на старите тунели кај Демир Капија, од стаза за алпинизам паднал С.Ж., на возраст од 61 година од Република Србија.
Според пријавеното, С.Ж., кој бил главен инструктор во планинарско спортско друштво „Стена“ од Белград, додека се искачувал заедно со други шест алпинисти од Република Србија, по веќе поставената алпинистичка насока, при што истакнал дека стените се кршливи и се лизгави, во еден момент при искачувањето паднал од карпата, односно му се откорнало парче. При паѓањето, А.Т., кој го обезбедувал јажето, успеал да го задржи на висина од околу 15 метри од земјата, информира СВР – Велес.
Прва помош му била укажана од специјалната единица на АРМ „Волци“ кои изведувале вежба во близина, а потоа повредениот алпинист е пренесен со Итна медицинска помош од Неготино во Општата болница во Велес.

