Рускиот претседател Владимир Путин наводно во приватни разговори се согласил со идејата дека по војната Украина ќе добие безбедносни гаранции од САД и Европа, моделирани според Член 5 од НАТО.
Сепак, тој постави клучен услов – никакви сили на Алијансата да не бидат стационирани на украинска територија. Оваа информација, заснована на извор близок до преговорите, ја објави колумнистот на „Вашингтон пост“, Дејвид Игнатиус.
Што е Член 5?
Член 5 од Северноатлантскиот договор е фундаментален принцип на колективна одбрана на НАТО, според кој вооружен напад врз една членка на Алијансата се смета за напад врз сите членки, што ги обврзува да обезбедат помош на нападнатата земја, вклучително и употреба на воена сила.
Во контекст на преговорите за Украина, гаранциите моделирани според тој член би значеле дека САД и европските земји се законски обврзани да ја бранат доколку Русија повторно ја нападне, иако Украина формално нема да стане членка на НАТО, ниту пак сојузничките сили ќе бидат распоредени на нејзина територија во мирно време.
Што би вклучувал договорот?
Според истиот извор, договорот би вклучувал укинување на санкциите против Русија, кои автоматски би биле повторно воведени доколку Москва почне да собира војници за нов напад.

Како одговор на отфрлањето на базите на НАТО од страна на Путин, американската страна предложи повлекување на руската армија од границата веднаш по потпишувањето на примирјето. Во случај руските сили да започнат офанзива, силите на НАТО ќе бидат распоредени во Украина без одлагање.
Американските и европските претставници, исто така, разговараа за механизмите за следење на спроведувањето на договорот и процедурите за брзо споделување на разузнавачки информации во случај на напад. Изворот наведува дека специјалниот пратеник на американскиот претседател, Џаред Кушнер, го предупредил Путин: „Ова започна како војна со Украина. Сега е прокси војна со Европа“.
Каква е состојбата со преговорите?
Нова рунда разговори за мировниот план се одржа во Берлин на 14 и 15 ноември. Учествуваа претставници од Украина, САД и Европа, а беа дискутирани голем број теми, вклучувајќи чувствителни територијални прашања и безбедносни гаранции.
„Волстрит џурнал“ пишува дека САД ѝ нудат на Украина правно обврзувачки безбедносни гаранции врз основа на Член 5 од НАТО, но без формално членство во Алијансата. Изворите на весникот наведуваат дека Вашингтон со тоа ветува заштита од каква било идна агресија со цел да го поттикне напредокот во преговорите.
Русија претходно го отфрли тoj предлог.
Русија претходно го оцени предлогот на САД за гаранции во стилот на НАТО како неприфатлив. Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски нагласи дека Украина останува посветена на тоа да стане полноправна членка на НАТО. Тој додаде дека моделот на безбедносни гаранции од Член 5 отвора многу прашања за него.

