Сè уште не сме таму каде што треба да бидеме, но и натаму трае дискусијата за тоа како процесот треба понатаму да се развива за да одговори на итноста на моментот, изјави вечерва во Анталија извршниот секретар на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (УНФЦЦЦ), Сајмон Стил, коментирајќи го најновиот развој на настаните околу завршниот документ од 31-та Конференција за климатски промени на ОН (КОП31), што се одржува во овој турски град.
Како што засега стојат работите КОП31 во Анталија заврши без договор, како разултат на противењето на земјите производители на нафта за вклучување на одредба за постепено откажување од фосилните горива, на што жестоко инсистираше ЕУ.
„Процесот овојпат не ги даде очекуваните резултати, но тој може да биде успешен“, изјави Стил.
Тој посочи дека пред Парискиот договор за климата од 2015 година, светот се движеше кон многу поголемо затоплување отколку што е тоа случај денес. Без договорите од Париз, се очекуваше глобалните температури да пораснат за 3,5 до 4 степени, а сега таа бројка изнесува околу 2,6.
„Сè уште не сме таму каде што треба да бидеме, но дискусијата за тоа како процесот треба понатаму да се развива за да одговори на итноста на моментот сè уште трае“, рече Стил.
Според него, процесот и претходно се соочувал со пречки, но секогаш „излегувал посилен“. „Тоа мора да се случи и сега“, додаде Стил.
Гутереш „длабоко разочаран“ од резултатот на КОП31
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека е „длабоко разочаран“ од неуспешниот климатски самит.
„Ја споделувам длабоката фрустрација на сите оние кои се надеваа дека владите ќе одговорат на она што го налага климатската криза“, наведе Гутереш во соопштението за јавноста, во кое дополнително нагласи дека фосилните горива се „моторот на климатската криза“.
„Оние што профитираат од уништувањето на нашата планета никогаш не смеат да ги диктираат условите за борбата за нејзино спасување“, рече Гутереш.

Според него, влијателните актери во секторот за фосилни горива користат методи слични на оние што претходно ги применуваше тутунската индустрија.
„Тие ги искривуваат научните сознанија, ги одложуваат политичките мерки, ги блокираат неопходните дејствија и остваруваат огромни профити, додека луѓето ширум светот ја плаќаат цената“, наведе Гутереш.
За Гутереш, науката е јасна. За да се ограничи обемот и времетраењето на надминувањето на границата од затоплување од 1,5 степени, „во оваа деценија се потребни драстични и брзи намалувања на емисиите“.
„Не можеме да го изгаснеме пожарот ако истовремено додаваме масло на огнот“, заклучи Гутереш.
„Гринпис“: Подарок за секторот за фосилни горива
Според „Гринпис“, климатскиот самит во Анталија се покажа како „подарок за секторот за фосилни горива, додека климатската криза продолжува да излегува од контрола“.
„КОП31 требаше да стави крај на фосилните горива, наместо да ги промовира и да им го продолжува животниот век. Фактот што земјите не успеаја да зацртаат веродостоен пат за напуштање на фосилните горива е фрустрирачки и разочарувачки“, изјави Џаспер Инвентор, шеф на делегацијата на „Гринпис“ на самитот во Анталија.
„Успеавме да го блокираме договорот скроен по мерка на индустријата за фосилни горива, но неуспехот да се постигне договор е многу болен за луѓето кои се на првата линија на климатската криза, како што се островските држави во Пацификот. Како и секогаш, најранливите заедници се оние што ја плаќаат цената за овој неуспех“, вели Инвентор.

