Автомобилот користен во филмот „Бетмен“ на Тим Бартон од 1992 година – познат како Бетмобил – денес ќе се најде на аукција во Гардена, во близина на Лос Анџелес.
Како што пренесува „Асошиејтед прес“, со проценета вредност пред аукцијата која се движи меѓу 5 и 7 милиони долари, ова возило би можело да го собори рекордот во продажба за еден Бетмобил. Претходниот рекорд беше поставен во 2013 година, кога автомобилот што го возеше Адам Вест во телевизиската серија од 1960-тите години беше продаден за 4,6 милиони долари.
Возилото е главната атракција на аукциската куќа „Џулиенс“ (Julien’s), која нуди и десетици други предмети поврзани со Бетмен и други суперхерои.
Овој црн модел е долг нешто помалку од 6 метри и се одликува со две истакнати задни перки.
Со години, автомобилот беше изложен во Автомобилскиот музеј „Маркони“ во Тастин, Калифорнија.
Тој ја задржал оригиналната боја, моторот „Шевроле“ V-8 и издувниот систем што исфрла пламен – истиот механизам што го користел Бетмен (кого го играше Мајкл Китон) за да го изгори еден од помошниците на Пингвинот во циркусот. Истакнувајќи го влијанието на „темната естетика“ на Бартон врз современите филмови за суперхерои, од „Џулиенс“ го опишаа овој автомобил како „едно од најпрепознатливите и најзначајните филмски возила во историјата на Холивуд“.
Од аукциската куќа напоменуваат дека возилото не е регистрирано за употреба на јавни патишта, а неговиот мотор и менувач биле користени – или поточно, тестирани – само „ограничен број пати“ откако завршило снимањето на филмот.
Од купувачот, исто така, ќе се бара да се придржува до одредени ограничувања.
Со други зборови, тој мора да добие одобрение пред да го изложи возилото на посебни настани, а возилото мора да остане во мирување секогаш кога ќе биде прикажано пред јавноста.

