Вечерва (23.11.2026г), во Салата 25 Мај, на Младинскиот културен центар-Скопје, во рамки на 51. издание на Фестивалот Млад Отворен Театар, во 20часот ќе биде одиграна претставата „НАДЕВАЈ СЕ НА НАЈДОБРОТО – ПОДГОТВИ СЕ ЗА НАЈЛОШОТО“ во продукција на Локомотива (МКД).
Концептот за претставата составена од два танцови перформанси го изработија Викторија Илиоска и Марија Хубер, кои воедно се појавуваат и во главните улоги, но и како авторки и креаторки на кореографијата, што ќе биде изведена во два дела, од по 45 минути.
Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото:
Kореографски истражувачки проект што на перформансот му пристапува како на подготовка за иднината во која веќе живееме. Наместо да шпекулира за далечни катастрофи, во фокусот на делото е тековната нестабилност – економска, политичка и еколошка – како состојба на живеење. Основната идеја е да се испита “опстојувањето“ како кореографска и политичка стратегија: не како отпорност сфатена како самооптимизација, туку истрајување – да се издржи подолго отколку што се очекува, заеднички да се носи тежината и да се издржат противречностите без нивно разрешување. Проектот ја третира кореографијата како организација на тела под притисок и го поставува прашањето: за што се подготвуваме кога колапсот повеќе не е исклучок, туку структурна состојба? Телото се третира и како субјект и како ресурс – преоптоварено, обновливо, исцрпено. Преку соматско истражување, текст, глас и колективни телесни партитури, Викторија Илиоска и Марија Хубер ги испитуваат инфраструктурите како втелеснети релации: кој кого носи, кој од кого црпи ресурси и како поддршката циркулира во рамките на кревките заеднички формации. Публиката и изведувачите го делат истиот простор во променливи констелации на блискост, ризик и заемност.

Мочуришна драма (АТ):
Заедно со проектот, Марија Хубер ќе одржи и перформативно предавање кое ја разгледува темата на отпорноста од квир и драматуршка перспектива. Во Мочуришна драма (AT), Маре (Марија Хубер), во ликот на нивното драг алтер-его КРОКОДИЛСКА СОЛЗА, ги истражува мочуришните, флуидни граници меѓу драг-перформансот, кореографијата со предмети и филозофското предавање. Како феминистичко мочуришно суштество, Крокодилска Солза некогаш изела каубој, а денес мора одново да учи што значи да се биде ранлив и да се плаче заедно со другите. Дебелиот квир-крокодил ја води својата публика на филозофско патување низ кантри песни, лични искуства со хронична болка, стратегии за создавање отпорни простори за тагување и прашања за тоа што би можела да биде една квир, деколонијална драматургија.

