Италијанскиот регулатор за конкурентност на пазарот АГЦМ објави дека отворил истрага за да утврди дали синџир дисконтни супермаркети „Еуроспин“ ја ограничува можноста на своите продавници самостојно да ги одредуваат малопродажните цени и со тоа ја нарушува пазарната конкуренција.
Истрагата на АГЦМ опфаќа шест компании од групацијата „Еуроспин“ кои работат во Италија. Според регулаторот, компаниите им одредувале на продавници по кои цени можат да продаваат производи, користејќи софтвер за управување со каса за да наметнат фиксни продажни цени.
Оваа практика вклучувала производи кои го сочинуваат речиси целиот асортиман на продавниците со ознаката „Еуроспин“, што ја ограничувало конкуренцијата на пазарот помеѓу поединечните продажни места.
АЦМ предупредува дека таквата практика може да има сериозни последици за потрошувачите, особено во услови на високи цени на храната. Регулаторот, исто така, истакнува дека „Еуроспин“ зазема водечка позиција меѓу дисконтните синџири во Италија, а италијанските граѓани ги избираат неговите продавници токму поради поволните цени.
Регулаторот се сомнева дека таков систем на одредување на цените на препродажба потенцијално претставува значително ограничување на конкуренцијата на пазарот, според европските регулативи, повикувајќи се на член 101 од Договорот за функционирање на Европската Унија.
Како дел од истрагата, на 18 ноември, претставници на регулаторот и италијанската финансиска полиција ги претресоа деловните простории на компаниите „Еуроспин Италија“, „Спеса Интелиџенте“ и „Еуроспин Тиреника“, како и неколку продавници кои работат како дел од нивната франшизна мрежа.

