Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа по третпат беше домаќин на вечера поврзана со неговиот „мемкоин“, настан кој се толкува како негов обид за заживување на ова криптовалута наречена „Трамп долар, од која во минатото заработи стотици милиони долари.
Инвеститорите во криптовалутата се собраа на ексклузивна вечера со претседателот, настан што се опишува како „единствен во животот“, во голф-клубот „Трамп Нешнал“ во близина на Вашингтон. Инвеститорите добија и подароци, како што се часовник или парфем со брендот на Трамп.
Билетите за настанот беа доделени преку еден вид натпревар. Покани добија поединци кои поседувале најголема количина од монетите на Трамп во периодот од 30 септември до 16 ноември. Според организаторот, 185 лица ги исполнувале условите, но на веб-страницата на криптовалутата биле наведени само 130 имиња. Затоа, не е сосема јасно колку луѓе точно присуствувале на настанот.
Ова не е првпат Трамп да организира вечера поврзана со криптовалути. Тој организираше слични вечери и во мај минатата година, како и во април оваа година. Во тоа време, ентузијазмот околу монетата на Трамп беше значително поголем. На првата вечера, инвеститорите заедно поседуваа монети на Трамп во вредност од 148 милиони долари, додека денес таа вредност изнесува само 8,6 милиони долари.
Што се „мемкоини“?
„Мем-коините“ се криптовалути или дигитални монети што постојат исклучиво во виртуелниот простор и се заштитени со криптографија.
Сепак, за разлика од, на пример, биткоинот, „мемкоините“ често се замислени како помалку сериозни проекти и се засноваат на интернет-мемија и моментни трендови.
Вредноста на монетата на Трамп драстично падна од нејзиното лансирање. Трамп го претстави овој „мемкоин“ на почетокот на својот втор мандат. Во тој период, вредноста на една монета достигна 74 долари, додека вчера таа изнесуваше само 0,88 долари.
Демократите го обвинуваат Трамп дека ја злоупотребува својата претседателска функција за лична корист, што е спротивно на законот. Критики предизвикуваат и вечерите на Трамп поврзани со криптовалути.
Од почетокот на својот втор мандат, Трамп заработи голема сума пари од криптовалути. Во јуни стана познато дека тој заработил 1,2 милијарди долари од тргување со криптовалути, од кои 500 милиони долари потекнуваат од компанијата што стои зад „мемкоин“ поврзана со Трамп.
Белата куќа ги отфрла критиките за настанот. Оттаму наведуваат дека вечерата била „приватен настан без владина функција“. Самиот Трамп за време на вечерата изјавил: „Ова го правам за САД. Ако ние не го направиме тоа, ќе го направи Кина“.

