Претседателот на српскиот Парламент, Александар Чупиќ, денеска му го исклучи микрофонот на поранешниот претседател на Србија и шеф на Пратениќката група на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, откако ги пречекори двете минути предвидени за одговор.
Вучиќ претходно се јави на збор за да одговори на потпретседателката на парламентот Сара Валентик од Студентската листа. Чупиќ покажа кон часовникот за време на говорот, а потоа го исклучи микрофонот. Вучиќ на тоа реагираше со ироничен аплауз. Откако Чупиќ го исклучи микрофонот, Вучиќ стана и ја напушти салата.
Дебатата започна откако Валентик се извини за минатонеделната изјава за пратениците на СНС. Таа објасни дека не сака никому да му го одземе правото да го изрази своето мислење, но дека смета оти е неправедно што луѓе кои, според неа, предизвикале огромна штета на Србија во последните 14 години седат во Парламентот.
Вучиќ го нарече нејзиното извинување валкан трик и тврдеше дека заслужува да биде исклучена од седницата.
Чупиќ објасни дека откако ќе истече предвиденото време, им дозволува на пратениците да ја завршат реченицата што ја започнале, по што им го исклучува микрофонот. Тој нагласи дека истото правило важи за сите претставници.
Вучиќ се разбесни и почна да вика: „Никогаш не завршив ниту една реченица…“
На што Чупиќ му рече: „Тукушто зборуваш без да ти дадам збор“.
На тоа, Вучиќ ја напушти салата.
Набрзо Вучиќ се врати во салата и повторно се приклучи на дебатата, а Чупиќ му го исклучи микрофонот уште неколку пати поради пречекорување на временското ограничување. Поранешната претседателка на Собранието, Ана Брнабиќ, исто така, доби опомена за зборување без дозвола од претседателот.
Чупиќ беше избран за претседател на српскиот Парламент минатата недела, по неколкудневна жестока дебата. Тој веќе влезе во вербален конфликт со Вучиќ и му изрече опомена.
На денешната седница, пратениците избираат членови на парламентарните комисии и постојани делегации во меѓународните институции. На почетокот на седницата, Вучиќ објави дека СНС нема да учествува во работата на комисиите.

