Вечерва (25.11.2026 г. среда) со концертот на Амира Медуњанин, во 20 часот, во Центарот за култура-Битола, официјално ќе биде отворен 18.Фестивал на музика од светот.
Родена како Амира Дедиќ на 23 април 1972 година во Сараево, Медуњанин е позната босанскохерцеговска пејачка и една од најзначајните современи интерпретаторки на севдалинки и традиционална балканска музика. Родена е во Сараево, каде што од мајка си ги научила најубавите севдалинки, а пред целосно да ѝ се посвети на музиката, работела во канцеларијата на Европската комисија.Својата кариера ја започна во 2003 година како гостинка на албумот „A Secret Gate“ на составот Mostar Sevdah Reunion, по што во 2005 година го објави својот прв соло албум „Rosa“. Музичкиот новинар Гарт Картрајт ја нарече „босанската Били Холидеј“ поради начинот на кој си игра со севдахот, спојувајќи ја традицијата со џез и светска музика (world music).Нејзината дискографија ги вклучува критички пофалените албуми „Zumra“ (2010), „Amulette“ (2011), „Silk and Stone“ (2014), „Damar“ (2016), „Ascending“ (2018), „For Him and Her“ (2020) и „Homeland“ (2024).
Медуњанин, редовно настапува пред македонската публика (вклучувајќи концерти во Скопје, Охрид и Битола) и на својот репертоар често изведува македонски народни песни како „Зајди, зајди“, „Си заљубив едно момче“ и „Ја излези Ѓурѓо“.

Вечерва, во 19часот, во Фоајето на ЦК Битола, публиката ќе може да ја погледне и изложбата „Бучава што создава идентитет“ на Тошо Филиповски, организирана во соработка со НУ Центар за култура „Бели мугри“ – Кочани.
Под мотото „Музички крстопат“, градот Битола и Националната Установа „Центар за култура –Битола“ од 25 до 30 ноември ќе бидат домаќини на 18. Фестивал на музика од светот. Шест фестивалски вечери, уметници од повеќе земји и две изложби ќе го одбележат годинашното издание на Фестивалот.


