Со симболично осветлување на зградата на Општина Струмица во портокалова боја, синоќа беше означен почетокот на глобалната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените“, соопштија од локалната самоуправа.
Во рамки на кампањата Општината ќе реализира работилници, јавни акции за подигнување на свеста, како и активности за зајакнување на соработката и комуникацијата со институциите, организациите и стручните лица вклучени во процесот на заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство.
-Општина Струмица има и конкретна, континуирана улога во системот на поддршка на жртвите. Таа е директен партнер на Шелтер центарот за заштита на жени жртви на семејно насилство и го обезбедува просторот во кој функционира Психосоцијалното советувалиште. Оваа поддршка ќе продолжи и во иднина, со цел жените кои се соочуваат со насилство да имаат пристап до соодветна помош, советување и поддршка, се наведува во соопштението.
Локалната кампања ќе биде насочена кон подигнување на јавната свест, препознавање и спречување на насилството, но и кон зајакнување на институционалната соработка и механизмите за заштита.
Кампањата „16 дена активизам“ трае од 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, до 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права.

