Австралиец со години се обидувал да отвори необичен, тежок камен, убеден дека во него се крие златна грутка. Но, неговото откритие се покажало како многу поретко и научно повредно од златото – метеорит стар околу 4,6 милијарди години, кој потекнува од раните денови на Сончевиот Систем.
Во 2015 година, Дејвид Хол истражувал во Регионалниот парк Мериборо, во централниот дел на австралиската сојузна држава Викторија. Користејќи детектор за метал, забележал нешто необично – многу тежок, црвеникав камен, кој лежел во жолта глина.
Го однел дома и се обидел да го скрши на различни начини, убеден дека во него има злато. Тоа и не било чудно, со оглед на тоа што Мериборо се наоѓа во областа позната по златната треска, која го достигнала својот врв во Австралија во 19. век.
За да ја отвори карпата, Хол употребил пила за камен, аголна брусилка, дупчалка, па дури и киселина. Сепак, не успеал да ја напукне ниту со голем чекан.
Причината била едноставна – не станувало збор за обична карпа во која се крие злато, туку за редок метеорит.
Неколку години подоцна, сè уште заинтригиран од необичното откритие, Хол го однел каменот во Музејот во Мелбурн за да биде идентификуван.
„Имаше изглед како да е извајан, со вдлабнатини на површината. Тие се создаваат кога метеоритите минуваат низ атмосферата – нивната надворешност се топи, а атмосферата ја обликува површината“, објаснил геологот од музејот, Дермот Хенри, во 2019 година за „Сиднеј морнинг хералд“.
Хенри, кој во тоа време работел во музејот 37 години и прегледал илјадници камења за кои луѓето претпоставувале дека се метеорити, рекол дека само два од донесените примероци навистина биле метеорити. Каменот на Хол бил еден од нив.
„Ако на Земјата најдете камен со ваков изглед и го кренете, не би требало да биде толку тежок“, објаснил геологот Бил Бирч, тогашен куратор во Музејот во Мелбурн.
Истражувачите објавиле научен труд во списанието „Proceedings of the Royal Society of Victoria“, во кој го опишале метеоритот стар околу 4,6 милијарди години. Му го дале името Мериборо, според местото во чија близина бил пронајден.
Метеоритот тежи дури 17 килограми. Откако истражувачите со дијамантска пила исекле мал дел од него, утврдиле дека има висок процент на железо, поради што е класифициран како обичен хондрит од типот H5.
На пресекот се забележуваат и ситни кристализирани капки од силикатни минерали, познати како хондрули.
„Метеоритите се најевтината форма на истражување на вселената. Тие нè враќаат назад во времето и ни даваат сознанија за староста, формирањето и хемискиот состав на нашиот Сончев Систем, вклучително и на Земјата“, објаснил Хенри.
Тој посочил дека некои метеорити овозможуваат увид и во длабоката внатрешност на нашата планета. Во одредени примероци има и таканаречена „ѕвездена прашина“, која е постара дури и од Сончевиот Систем и им помага на научниците да разберат како настануваат и се развиваат ѕвездите и како се создаваат хемиските елементи.
Други, поретки метеорити содржат органски молекули, како што се аминокиселините – основните градбени единици на животот.
Научниците сè уште не утврдиле од каде точно потекнува метеоритот Мериборо, ниту колку долго се наоѓал на Земјата, но имаат претпоставки за неговото потекло.
Сончевиот Систем првично бил огромен облак од прашина и карпест материјал. Под влијание на гравитацијата, дел од материјалот се споил и формирал планети, додека преостанатиот најголем дел се задржал во големиот астероиден појас.
„Овој метеорит најверојатно потекнува од астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер. Судирите меѓу астероидите го исфрлиле од неговата првична патека, по што еден ден паднал на Земјата“, изјавил Хенри за „Канал 10“.
Радиојаглеродното датирање укажува дека метеоритот се наоѓа на Земјата помалку од 1.000 години. Во периодот меѓу 1889 и 1951 година биле забележани повеќе метеорски појави кои би можеле да се поврзат со неговото пристигнување на нашата планета.
Истражувачите оценуваат дека метеоритот Мериборо е многу поредок од златото и затоа има особено голема научна вредност. Тој е еден од само 17 метеорити досега регистрирани во австралиската сојузна држава Викторија и вториот по големина хондритен примерок пронајден таму. Поголем е само примерокот тежок 55 килограми, идентификуван во 2003 година.
„Ова е само 17-тиот метеорит пронајден во Викторија, додека се пронајдени илјадници златни грутки. Кога ќе се разгледа целиот редослед на настани, може да се каже дека неговото откривање е речиси астрономски малку веројатно“, изјавил Хенри.
Мериборо не е единствениот метеорит на кој му биле потребни години за да стигне до музеј и да биде препознаен како вселенско тело. Во еден друг случај, кој претходно го објави „ScienceAlert“, метеорит минал дури 80 години, сменил двајца сопственици и извесно време служел како држач за врата, пред да биде откриено неговото вистинско потекло.
До неодамна, само мал дел од метеоритите што паѓаат на Земјата можеле со сигурност да се поврзат со нивните матични небесни тела. Сепак, во 2024 година, три нови научни истражувања понудиле убедливи објаснувања за потеклото на повеќе од 90 проценти од денес познатите метеорити.

