Вчера вечер, во Галеријата на Културно Информативниот Центар во Скопје беше отворена изложбата „Тивки ритуали на модерноста“ од авторките : Јасминка Намичева, Екатерина Намичева Тодоровска и Јасмина Дамјановска.

Истражувањата спроведени во текот на 2024 и 2025 година во Фабриката за порцелан „Борис Кидрич“ – Југопорцелан, овој пат се насочени кон едно поинакво читање на нејзината продукција – кон влијанието на масовното производство на порцелан врз формирањето и ширењето на градската култура на пиење кафе и чај во повоениот период. Со масовното производство, порцеланските сервиси стануваат достапни за поширок круг корисници, а предметите за кафе и чај постепено стануваат дел од секојдневието на новиот градски дом. Така, индустрискиот производ влегува во просторот на секојдневниот живот и станува дел од новите навики, облици на гостопримство и култура на живеење што се формираат во повоено Скопје.
Изложбата „Тивки ритуали на модерноста – Чај и кафе за новиот град“ ја отвора токму оваа врска – меѓу фабричкото производство и секојдневниот живот, меѓу порцеланскиот предмет и ритуалот што се создава околу него. Денес, оваа продукција претставува значајно културно наследство, сведоштво за индустрискиот развој, применетата уметност и промените во културата на живеење во Македонија во втората половина на XX век.

Во услови на индустријализација, урбанизација и создавање нови станбени и животни услови, Фабриката „Борис Кидрич“ – Титов Велес, или „Порцеланка“ како што ја нарекуваа титоввелешани, го претвора порцеланот од увозен производ во домашен индустриски производ, достапен за поширок круг корисници. Така предметот што некогаш се чувал за гости или за посебни прилики постепено станува дел од секојдневниот живот. Но оваа промена не значи исчезнување на желбата за раскош. Напротив, фабричката продукција истовремено одговара и на потребата убавиот предмет да остане знак на свеченост, достоинство и престиж. Во таа смисла особено значење има „Барок“ – преземениот модел со декоративна и раскошна форма, кој во раните 1960-ти години станува, според фабричките податоци, најпродаваниот сервис за кафе и чај. Неговата популарност не се должи само на естетиката. Тој ја исполнува и желбата на една генерација за она што претходно било недостапно за поголемиот дел од населението: луксузниот порцелански предмет во сопствениот дом. Подоцнежната печатена декорација со злато, меѓу другото набавувано од рудникот Мајданпек, дополнително ја засилува неговата свечена и репрезентативна вредност. „Барок“ така станува еден од препознатливите и најбараните производи на фабриката, а неговата популарност опстојува со децении. Паралелно со тоа, по 1955 година, со вработувањето на првиот дизајнер Милан Терзовски, во „Порцеланка“ започнува свесно насочување кон современиот југословенски модернизам. Историската декоративност постепено се заменува со почисти, рационализирани, речиси кубистички линии, со акцент врз пропорцијата, геометрискиот волумен и функционалноста. По 1971 година, со формирањето на дизајнерското одделение и вклучувањето на академски уметници како Војко Јаневски, Тодор Јорданов, Сузана Зафировска и други, овој процес добива дополнителен развој. Така во продукцијата на „Порцеланка“ се среќаваат две потреби: желбата за свеченост и раскош и стремежот кон едноставен, функционален и модерен предмет. Токму во тој напон се создава специфичниот идентитет на фабриката.
Во првите повоени децении домот е едно од главните места каде што оваа нова материјална култура станува видлива. Жената има значајна улога во одржувањето на домашните ритуали – подготовката, послужувањето, пречекот на гостите и чувањето на предметите за посебни прилики. Но во шеесеттите години општеството се менува.
Еманципацијата на жената, нејзиното поголемо присуство во образованието и професионалниот живот и новите навики на живеење постепено го менуваат и традиционалното разбирање на домот. Порцеланскиот сервис затоа е сведоштво за една преодна фаза: традиционалните ритуали сè уште се присутни, но добиваат ново значење. Кафето и чајот веќе не се само дел од домаќинската култура, туку и од урбаниот начин на живот, средбите со пријателите и новото разбирање на слободното време. Предметот така не ја раскажува само приказната за тоа како луѓето живееле, туку и како се менувале.


