Уставниот суд денеска донесе одлука за укинување на членот 78-љ од Законот за култура и на Колективниот договор за културата во целина. Одлуката има одложено правно дејство односно ќе стапи во сила од 1 април 2027 година.
Синдикатот на културата кој пред Уставниот суд одржа протест чекајќи што ќе одлучи највисокиот орган во државата, го прогласи Колективниот договор за мртов со порака до уставните судии дека историјата ќе им суди.
Се гледаме на седумдневениот помен, благата пченица е од нас за вас. Вечнаја памјат, а ВАМ историјата нека ви суди и ќе ви пресуди! Овековечени во историјата како ЕГЗЕКУТОРИ, стои во објавата на Фејсбук што ја објави Синдикатот на културата.
Од Синдикатот претходно посочија дека се одлучува за нивниот Колективен договор во време кога претседателот на Уставниот суд и еден од судиите, кој јавно ги квалификувал нашите работнички права како привилегија, од следната недела веќе нема да бидат уставни судии.
Еден од тие предмети што им стои во фиока е и иницијативата на СКРМ за Упатството за пресметка на платите во културата, донесено од поранешниот министер, а денес координатор за култура, Зоран. Љутков со кое платите во културата се незаконски скратени. Па, еве, би сакале да поставиме уште едно прашање. Дали претседателот на Уставниот суд знае дека доколку утре стане професор на некој од универзитетите во државата, ќе ги ужива истите права буквално препишани од Колективниот договор за култура – што денес, според најавеното постапување, можеби ќе ги доведе во прашање кај вработените во културата?, рекоа од Синдикатот на културата.
Од Уставниот суд појаснија дека ниту во Колективниот договор, кој се применува од 2020 година, ниту во Законот за култура, кој досега претрпе бројни измени, не е утврдена методологија за пресметка на платите. Според ставот на Судот, таа методологија мора да биде поставена како законска основа во самиот Закон за култура, а потоа да се доразработи и продлабочи во колективен договор.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски на прес-конференција рече дека мнозинството судии се одлучиле за одложен рок на правниот ефект токму поради свесноста за последиците што би настанале доколку одлуката стапела во сила веднаш по објавувањето во „Службен весник“.
Во периодот до април 2027 година, Министерството за култура, синдикатите и останатите партнери во социјалниот дијалог ќе треба да усогласат и да склучат нов, законски издржан колективен договор, додека Собранието ќе треба да ги донесе соодветните измени и дополнувања на Законот за култура.

