Ромската театарска уметност, драмското творештво и културниот дијалог се во фокусот на фестивалот „GARAVDE MUJA“, кој од денеска до 30 ноември ќе се одржува во Скопје.
Фестивалот ќе биде отворен денеска во 13 часот во Europe House Skopje, со претставувањето на делото „АС СЕ КАЗВАХ“ од Бугарија, чиј автор е проф. д-р Хусеин Кучук, познат и како Христо Кучуков. Режијата е на Борис Зафиров.
Учеството на Кучуков, според организаторите, му дава посебно значење на фестивалот поради неговиот придонес во истражувањето и афирмацијата на ромската култура и театарското творештво. Во рамките на фестивалот ќе се одржи и академско предавање за историјата и развојот на ромскиот театар во Бугарија, во соработка со Универзитетот Катовице од Полска.
Програмата продолжува со учество на театарски уметници од Косово, меѓу кои Фатмир Менекше од Театарот „Неџип Менекше“ од Призрен, како и со театарски изведби, монолози и драмски читања.
Посебно место во програмата има и Даниел Петровски, со авторски, режисерски и сценски придонес во современиот ромски театарски израз. Неговото учество опфаќа театарски перформанс и драмско читање. Ќе биде претставена и авторската работа на Санела Емин преку монологот „Патот го изодев сама“.
Фестивалската програма вклучува и проекција на филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума. Филмот отвора прашања за родовите стереотипи, слободата на избор и можноста девојчињата да ги надминуваат општествените ограничувања.
Организатор на фестивалот е Здружението на љубители на ромска фолклорна уметност „Романо Ило“ – Скопје. Влезот за сите фестивалски содржини е слободен и отворен за јавноста.

