Изложбата на скулптури „Сензитивна интроспекција“ од проф. д-р Слободан Милошески ќе биде отворена денеска во 15 часот во галеријата „ART ROOM“ во Диселдорф, Германија.
Поставката опфаќа 16 скулпторски дела во галериски формат, изработени од инокс и создадени во последните неколку години.
Во критиката за изложбата, проф. м-р Страхил М. Петровски ја опишува поставката како простор во кој скулптурата ја надминува својата објектност и станува процес на постојано исчезнување и повторно појавување. Според него, делата на Милошески се нестабилни констелации на светлина, агол и присуство, кои се активираат во однос со гледачот, просторот и времето.
Слободан Милошески е роден во Охрид во 1977 година. Дипломирал на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година, а во 2009 година дипломирал и на Факултетот за ликовни уметности, на вајарскиот оддел. Магистрирал на истиот факултет во 2011 година, а докторирал во 2018 година на Националната уметничка академија во Софија, на катедрата за скулптура.
Досега реализирал 40 самостојни изложби и учествувал на повеќе од 100 групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на 18 награди и признанија, меѓу кои наградите за скулптура „Јордан Грабул“, „Димо Тодоровски“, „Боро Митриќески“ и „Адем Кастрати“.
Автор е и на повеќе скулптури поставени во јавен простор во Скопје, посветени на Живо Чинго, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев и Јоаким Крчовски, како и на спомен-обележјето на Првото заседание на АСНОМ. Милошески е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 2009 година, а работи како професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што од 2025 година ја извршува функцијата декан.

