Меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко: Животните не се таму некаде“ ќе биде отворена денеска во 13 часот во Музејот на современата уметност – Скопје. Изложбата, во кураторство на Мира Гаќина и Јованка Попова, го насочува вниманието кон животните со кои ги споделуваме средините, историите и иднините, но чии животи често остануваат на маргините на човечкото внимание, грижа и одговорност.
Преку дела на меѓународни и македонски уметници, поставката отвора прашања за односите на моќ меѓу луѓето и другите видови, насилството и експлоатацијата, но и за можностите за солидарност, меѓузависност и поинакви форми на заедничко живеење.
Во време на климатска криза, забрзано исчезнување на видовите и сè поизразена еколошка нерамнотежа, изложбата го преиспитува човекот како центар на светот и единствен носител на вредност, знаење и право на постоење. Наместо животните да ги претставува како симболи, ресурси или објекти на човечка употреба, таа ги препознава како живи суштества со сопствени искуства, чувства, меморија, начини на комуникација и потреби.
„Со оваа изложба сакаме да го поместиме прашањето за животните од маргините на општественото внимание во средиштето на разговорот за тоа како живееме заедно. Животните не се некаде надвор од нашите животи, туку се дел од нашите секојдневни простори, односи и заедници“, истакнуваат кураторките Гаќина и Попова.
Појдовна точка на изложбата е и непосредната реалност во Македонија, каде што бездомните кучиња и други животни се дел од секојдневието на градовите, но истовремено се изложени на занемарување, насилство, труење и убивање. Поставката ги отвора и прашањата за институционалната одговорност, селективноста на сочувството и општествената толеранција кон насилството.
Изложбата има и практична димензија. Музејот воспоставува соработка со организации и иницијативи посветени на заштитата и благосостојбата на животните, со намера да поттикне конкретни форми на помош и поддршка и долгорочна практика на грижа и солидарност.
Во поставката учествуваат Аби Палмер, Ахмет Огут, Гал Кирн, Дритон Селмани, Ѓорѓе Јовановиќ, Елене Глонти, Изабела Левенска Миљаниќ, Илија Прокопиев, Јане Чаловски, Кикуја Сатоши, Клелија Живковиќ, Крсто Глигорјадис, Марија Цагкари, Маурицио Гати, Немања Миленковиќ, Оља Триашка Стефановиќ, Осама Затар, Роман Селим Кередин, Христина Иваноска и Ченг Синхао.
Отворањето ќе биде проследено со диџеј-сет на Нино Наумов. Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам, „Тиквеш“ и „Сетек“.

