Балетската претстава „Дамата со камелии“, емотивна сценска приказна за љубовта, страста и жртвата, вечерва со почеток во 19:30 часот ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет.
Инспирирана од познатата приказна за Маргарита и Арман, претставата ја пренесува љубовната судбина на двајцата главни ликови преку моќта на танцот и музиката на Џузепе Верди. Неговите препознатливи мелодии и силниот емоционален набој ја надополнуваат драматургијата и ја продлабочуваат приказната за љубовта, личните жртви и општествените ограничувања.
Изведбата ќе биде под диригентската палка на Едуард Амбарцумјан од Ерменија, а кореографијата е на Василиј Медведев, еден од истакнатите руски кореографи, кој соработува со водечки балетски театри, меѓу кои „Бољшој“ во Москва и „Марински“ во Санкт Петербург.
Сценографијата и костимографијата се дело на Павол Јураш од Словачка, додека концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во главните улоги на Маргарита и Арман ќе настапат Марија Кичевска Шокаровска и Франциско Хименес Руиз од Шпанија, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Со раскошна сценографија, впечатливи костими, музиката на Верди и кореографијата на Медведев, „Дамата со камелии“ ја оживува безвременската љубовна приказна преку елеганцијата на балетскиот израз и силата на сценските емоции.

