Утре вечер (26.11.2026г), Во Концертаната сала на Филхармонијата ан Република Северна Македонија, во 20 часот, нашиот симфониски орјестар, со солистката Матилда Лојд, труба (Велика Британија), ќе одржи целовечерен концерт „ЗАРАТУСТРА“, под диригентско водство на Конрад ван Алфен (Холандија). На програмата се дела од Александар Арутјуњан: Концерт за труба и оркестар во Ас-дур и од Рихард Штраус: „Така говореше Заратустра“, оп. 30.

Конрад ван Алфен е етаблиран холандско-јужноафрикански диригент, познат по својот инспиративен и енергичен пристап кон работата со оркестрите. Неговата популарност кај музичарите и публиката произлегува од посебниот начин на кој ги води пробите и концертните изведби. Тој е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам, кој во изминатите 16 години го издигнал на меѓународно признато ниво, со редовни концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам, како и со турнеи во Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година е шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што ја доби наградата за придонес во културата на Јужна Русија. Во моментов е уметнички директор на Московското филхармониско здружение, каде што редовно диригира во салата „Чајковски“, а често настапува и како гостин диригент во Санкт Петербург и Новосибирск. Во својата кариера диригирал со оркестри низ Европа, Азија, Африка и Америка, а неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар во Брисел, „Симфоникер“ во Бохум и оркестарот „Светланов“ во Москва. Роден во 1963 година во Преторија, Ван Алфен по завршувањето на музичките студии се преселил во Холандија, каде што работел како контрабасист и паралелно студирал диригирање кај Ери Клас и Роберто Бензи.
Во 2026 година, Матилда Лојд станала првата трубачка, добитничка на наградата за млад уметник на Кралското филхармониско друштво (Royal Philharmonic Society Young Artist Award), признание за нејзината извонредна музикалност и посветеноста на инспирирањето на младите музичари. Списанието BBC Music Magazine ја опиша како „трубачка од исклучителен формат“. Како истакнато име на современата класична музичка сцена, Матилда настапува со водечки оркестри и ансамбли ширум светот. Во сезоната 2025/26 ја реализираше својата прва турнеја во Азија, а настапи и на фестивалите Schleswig-Holstein, Zagreb Classic и Bregenz Summer Festival. Во сезоната 2026/27 ја очекуваат деби-настап во Канада, концерти со реномирани европски оркестри и турнеја во Холандија со ансамблот The Gesualdo Six. Нејзината дискографија за Chandos Records опфаќа широк репертоар, од барокна до современа музика. Меѓу позначајните изданија се албумите Resonance, Casta Diva и Fantasia. Посветеноста на современото творештво се огледа и во соработките со композитори и нарачувањето нови дела за труба.
Покрај концертната кариера, Матилда е посветена на образованието и менторството на младите музичари. Предава труба на Trinity Laban Conservatoire во Лондон, води мајсторски курсеви и, како амбасадорка на организацијата Brass for Africa, ја поддржува музиката како средство за општествена промена. Дипломирала на Trinity College во Кембриџ и на Кралската академија за музика, а се усовршувала кај трубачот Хокан Харденбергер во Малме. Во 2014 година ја освоила првата награда во дувачката категорија на BBC Young Musician, а во 2016 година дебитирала на BBC Proms. Во 2024/25 била избрана за ECHO Rising Star, а во 2026 година ја добила титулата Associate of the Royal Academy of Music (ARAM). Матилда живее и работи во Берлин и е Yamaha Artist.

Концерт за труба и оркестар во Ас-дур од А. Арутјуњан (23 септември 1920, Ереван, Ерменија – 28 март 2012, Ереван, Ерменија). Концертот за труба и оркестар, компониран во 1950 година, премиерно го извел трубачот Ајказ Меслајан во Москва истата година. Делото подоцна стекнало светска популарност благодарение на интерпретациите на виртуозот Тимофеј Докшицер, кој ја напишал и каденцата што најчесто се изведува денес. Александар Арутјуњан е еден од најзначајните ерменски композитори на 20 век. Своето музичко образование го започнал на Конзерваториумот во Ереван, а по Втората светска војна продолжил да студира композиција на Московскиот конзерваториум, каде што работел со истакнати педагози како Иља Литински, Виктор Цукерман и Николај Пејко. Неговото творештво е длабоко проникнато со музичката традиција на Ерменија, особено со нејзината мелодика, ритмичка енергија и специфичниот модален колорит.

Концертот за труба во Ас-дур, создаден во 1949/1950 година, е едно од неговите најпознати и најизведувани дела и денес претставува составен дел од светскиот репертоар за труба. Концерт е всушност, едноделна композиција, но внатрешно е организирана во седум контрастни, меѓусебно поврзани отсечоци, кои се изведуваат без прекин: Andante maestoso – Allegro energico – Meno mosso – Tempo I – Meno mosso – Tempo I – Cadenza e Coda. Оваа форма му овозможува на композиторот постојано да ја менува атмосферата – од свечена и драматична, преку виртуозна и енергична, до интимна и лирска, за на крајот да кулминира во блескава виртуозна завршница. Веќе во почетокот е воспоставен карактеристичниот драмски дијалог меѓу солистот и оркестарот. Трубата се појавува со јасно профилиран мотив над темниот треперлив звук на ниските гудачи, поставувајќи ја солистичката фигура во преден план. Следниот енергичен дел носи нагласена ритмичка динамика и виртуозност,со брзи пасажи и сложена артикулација, вклучително и употреба на двојно и единечно јазичење. Солистичката линија постојано ја испитува техничката и изразната граница на инструментот, но виртуозноста кај Арутјуњан никогаш не е само демонстрација на техника – таа е интегрален дел од драматургијата на музиката. Особено впечатлив е лирскиот средиштен сегмент, во кој трубата добива сосема поинаков карактер. Наместо блескавата, фанфарна звучност, таа се појавува како исклучително певлив и интимен инструмент. Долгите мелодиски фрази, поставени над меката оркестарска текстура, ја откриваат чувствителната страна на музичкиот израз на Арутјуњан. Овој контраст меѓу виртуозното и лирското е еден од клучните елементи на целото дело. Во еден од најспокојните моменти на Концертот, солистот настапува со придушник, создавајќи потемна и понежна звучна боја. Оркестарот развива пулсирачка, синкопирана текстура, додека трубата изнесува мелодија со меланхоличен и речиси вокален карактер. Овој дел претставува своевидна оддишка по претходната виртуозна експлозивност, но истовремено ја продлабочува драматичната линија на композицијата. Во завршниот дел повторно се враќа енергичниот тематски материјал. Следува постепено забрзување и интензивирање на музичкиот тек, кое води кон каденцата и кoдата. Токму тука Арутјуњан ги концентрира најголемите технички предизвици за солистот: брзи пасажи, прецизна артикулација, голем тонски распон, контрола на здивот и изразна сигурност во високите регистри. Кулминацијата е проследена со моќен дијалог меѓу солистот и оркестарот, по што делото завршува со впечатлива, триумфална енергија. Иако во Концертот нема директно преземени ерменски народни мелодии, влијанието на ерменската музичка традиција е суштинско за неговиот карактер. Тоа се чувствува во мелодиските свијоци, модалниот јазик, ритмичката живост и особено во употребата на карактеристични интервалски односи, меѓу кои и зголемената секунда. Во мелодиката се препознава и влијанието на традицијата на ерменските ашуци – импровизациската слобода, експресивното фразирање и вокалниот пристап кон мелодијата. Токму во спојот на ерменскиот музички колорит со европската концертантна традиција лежи особената привлечност на ова дело. Арутјуњан создава музика која е истовремено виртуозна и лирска, свечена и темпераментна, длабоко вкоренета во националната традиција, но универзална во својот израз. Концертот за труба во Ас-дур денес е едно од најзначајните дела од репертоарот за труба и често се изведува на концерти, натпревари и аудиции на престижни музички академии и конзерваториуми ширум светот. Неговата трајна популарност се должи на исклучителната рамнотежа меѓу техничката виртуозност, богатиот оркестарски колорит и силната, непосредна мелодиска експресија. Во ова дело трубата не е само виртуозен солистички инструмент – таа станува носител на целата драмска и емотивна приказна. Од свечениот почеток, преку огнената енергија и интимните лирски моменти, до блескавата финална кулминација, Арутјуњан создава концерт кој со својата непосредност и звучна раскош продолжува да го освојува и современиот слушател.
Симфониска поема: „Така говореше Заратустра“, оп. 30 од Р. Штраус (11 јуни 1864, Минхен, Германија – 8 септември 1949, Гармиш-Партенкирхен, Германија) Симфониската поема премиерно е изведена на 27 ноември 1896 година во Франкфурт, под диригентство на самиот Рихард Штраус.
Една од најпознатите филмски сцени на сите времиња, „сцената со мајмунот“, со која стартува почетокот на култниот научнофантастичен филм на Стенли Кјубрик „Одисеја 2001“, е „озвучена“ со почетокот на симфониската поема „Така зборуваше Заратустра“ на германскиот композитор Рихард Штраус. Во африканска пустина, мајмуните наидуваат на монолит. Во тој кадар се гледа како мајмунот од својата земјена перспектива, на врвот од монолитот, ги гледа Сонцето и Месечината заедно. Во овој кадар, Кјубрик ја поставува основата на целиот филм… Кој, всушност, не би ја знаел мелодијата на трубата која полека се издигнува и со секој такт станува сè погласна, за врвот да го достигне со ударите на тимпанот. Тоа е „Изгрејсонце“. Рихард Штраус со сугестивни тонови од т.н. природен мотив создава музичка интерпретација на истоимениот текст на германскиот филозоф Фридрих Ниче. Почетната тема е во Це-дур, кој го означува во овој дел космосот, универзумот, и тоа се три основни тонови C-G-C (тоника, доминанта, па тоника во октава) кои ја симболизираат човековата еволуција во три сфери – Земја, Сонце и Месечина.
„Изгрејсонце“ денес важи за еден од најгенијалните почетоци на некое дело во целокупната историја на музиката и, наедно, најпрепознатлив. Композиторот создал со оваа творба нова музика што повикува и на нова музичка ера во која, кога станува збор за техника на оркестрирање, го надминува сето она што дотогаш било замислено, вклучувајќи го и Вагнер. Инаку, делото на Ниче (1885) зборува за стариот шаман кој се спушта од својата планина меѓу народот со желба да научи нешто од луѓето и да им го подари своето знаење. Кога се спушта во селото, наидува на разни луѓе од кои ги дознава нивните тајни. Всушност, тој е во потрага по човек рамен на себеси, но многумина не ја разбираат неговата филозофија. По разговорот со нив, тој се прашува: „Зарем е можно луѓето сè уште да не знаат дека Бог е мртов?“.
Заратустра е германска верзија на името на персискиот пророк Зороастра, основачот на зороастризмот кој силно влијаел на јудаизмот и потоа на христијанството, но Ниче покажува нов и поинаков Заратустра, кој традиционалниот морал го врти наопаку. Затоа и поемата на Штраус во филмот на Кјубрик не е случајно избрана, со оглед на тоа дека низ целиот филм се преиспитува човечкиот однос кон Бога. И понатаму, во целата музичка приказна на Штраус се провлекуваат многу прашања меѓу кои и тоа дали науката ќе даде утеха во разбирање на суштината на нештата. Суштината на филозофскиот аспект, поточно, ја наоѓаме во „Танцова песна“ (Das Tanzlied), во која во играта човекот го надвладува духот и во апотеозата на духот ослободител човекот станува натчовек.Темите на верата, науката, радоста, страста, природата постојано се присутни низ разните музички мотиви и сите во себе го имаат копнежот што се крие во бескрајот на вселената. До крајот на својот живот, Штраус бил убеден во својата големина како уметник, како и во тоа дека е последниот композитор на западната музичка традиција. Поради неговото одбивање на атоналната и дванаесеттонската музика, критиката остро го напаѓала, но тој одлучно продолжил да пишува во доцноромантичарски манир.


