Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова вели дека самостојно ја донела одлуката да го предложи Трајко Славески за гувернер на Народната банка. Одлуката, како што тврди, ја донела врз основа на неговите професионални и академски квалификации. Разговарала и со повеќе експерти во областа на економијата, поранешни гуувернери и професори.
Не само што кандидатот Трајко Славески ги исполнува законските услови, туку е професор со четири децении искуство, со значајна академска и меѓународна кариера…. Основната причина за мојот избор беа неговата стручност, компетентност и професионален интегритет, рече Сиљановска-Давкова на денешната надзорна расправа за Алта банка Битола.
Ги отфрли тврдењата за поврзаност меѓу нејзиниот предлог за гувернер и влезот на Алта банка во земјава, оценувајќи ги таквите наводи како „бизарни“ и „бесмислени“.
Според Сиљановска-Давкова, правото да предложи гувернер, не подразбира и право да го контролира.
Претседателот предлага, собранието именува гувернер. Ова не создава никаква надлежност на претседателот во однос на гувернерот. Правото да предлежам гувернер, воопшто не подразбира право да го контролирам неговото работење. По именувањето, гувернерот си ја врши работата согласно законот, рече Сиљановска-Давкова.

