Сојузот на синдикати на Македонија реагира на најавите од првите луѓе во Министерството за економија дека треба да се размисли за укинување на недела неработен ден.
ССМ најостро се спротиставува на ваквите намери за кратење на работничките права, а укажува дека функционерите треба да бидат претпазливи во давањето на изјавите со кои го откриваат своето вистинско лице и наговестуваат дека тие се политичари кои се против работниците. ССМ нема да дозволи работничките права да станат предмет на пазарење со газдите!, стои во објавата на ССМ на Фејсбук.
Реакцијата на ССМ доаѓа откако заменик-министерот за економија Марјан Ристески го искажа свој личен став за една телевизија.
Тоа е едно неправедно решение, не само за работодавачите, повеќе за синдикатите и вработените. Ако се плаќа многу поголема дневница во недела, зошто да му го скратиме правото на некој – кој сака да работи во недела – да оствари поголем приход? И зошто да дозволиме – ако не се работи во недела – да имаме одлив на луѓе и финансиски средства во околните држави кои работат во недела, наместо да привлечеме луѓе да дојдат кај нас? Меѓутоа, тоа е мое размислување, треба да се види на Економско-социјалниот совет, изјави Ристоски.
Недела е прогласен за неработен ден од 1 јануари 2022 година. На сите работници кои ја работат недела, согласно законското решение, треба да им биде исплатена дупла дневница. Стопанската комора на Северна Македонија покрена иницијатива пред Уставниот суд, но уставните судии одлучија недела да остане неработен ден.

