Жителите на Крива Паланка денеска повторно ќе излезат на протест поради неконтролираното движење на добитокот, барајќи од институциите конечно да преземат конкретни мерки за заштита на нивната безбедност и имот. Додека граѓаните се подготвуваат за вториот мирен протест, проблемот добива и собраниска димензија, откако оштетени жители поднеле претставка до Левица, а Министерството за земјоделство најави дека дел од кравите ќе бидат пренасочени во казнено-поправните домови во Идризово и Прилеп, како и кај млади сточари.
Вториот мирен граѓански протест е закажан за 11 часот на магистралниот пат кај Градечки мост, спроти Градскиот парк, под пораката „За безбедност, за заштита на имот и за спроведување на законот!“. Организаторите бараат итно и трајно решавање на проблемот, конкретно постапување од надлежните институции, спроведување на законите и заштита на граѓаните и нивниот имот.
Со протестот, како што наведуваат, сакаат повторно да укажат на последиците од неконтролираното движење на добитокот и на потребата од навремено и координирано институционално постапување. „Потребни се дела, јасни рокови и резултати“, порачуваат организаторите, оценувајќи дека протестот е повик за одговорност и итни мерки со кои ќе се стави крај на опасностите, штетите и неизвесноста со кои со години се соочуваат жителите.

Од Општина Крива Паланка ги поканија медиумите да го проследат протестот, најавен како продолжение на барањата за заштита на семејствата, имотот и безбедноста на локалното население.
Во меѓувреме, проблемот добива и собраниска димензија. Политичката партија Левица соопшти дека група оштетени граѓани од Крива Паланка, кои со години се соочуваат со последиците од неконтролираното движење на кравите, доставиле писмена претставка до претседателот на партијата и претседател на собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, Димитар Апасиев.
Според соопштението на партијата, Апасиев најавил дека проблемот ќе биде отворен и детално разгледан пред надлежната собраниска комисија, со цел да се утврди одговорноста за долгогодишното непостапување на институциите.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пак, соопштија дека е одржан координативен состанок на надлежните институции, на кој биле конкретизирани чекорите за решавање на долгогодишниот проблем. Меѓу предвидените активности се мапирање на локациите на кои се наоѓа добитокот и негово пренасочување во Казнено-поправниот дом „Идризово“, Казнено-поправниот дом „Прилеп“, како и отстапување дел од животните на здруженија на сточари и млади сточари.
На состанокот на Координативниот штаб, одржан во Министерството, биле прецизирани конкретните активности и задолженија на институциите вклучени во решавањето на проблемот. Во соопштението се наведува дека ќе бидат мапирани локациите на кои е концентриран добитокот, по што животните ќе бидат однесени во казнено-поправните домови во Идризово и Прилеп. Била разгледана и можноста дел од добитокот да им биде отстапен на здруженија на сточари и на млади сточари.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски истакнал дека со воспоставувањето механизам за институционална координација се создаваат оперативни предуслови за системско и трајно надминување на проблемот со кој се соочуваат жителите на Крива Паланка.
„Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски“, истакнал Серафимовски.
Во реализацијата на Акцискиот план се вклучени Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена.
Нивната работа ќе се одвива преку воспоставениот механизам за координација и континуирано следење на реализацијата на преземените задолженија.
Проблемот со кравите кои слободно шетаат и прават штети во Крива Паланка стигна и на светските медиуми.
Градоначалникот Сашко Митовски претходно побара од Владата прогласување на 30 дневна кризна состојба и вклучување на надлежните институции за решавање на проблемот.
Тој во повеќе наврати нагласуваше дека повеќе од 1.000 грла крупен добиток неконтролирано се движат низ Крива Паланка, уништуваат земјоделски насади и приватен имот и ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот.

