Жена од Гостивар со тешки телесни повреди, хематом на устата и деформитети на лицето, вечерва е примена во Ургентниот хируршки центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, откако, според нејзиниот исказ, два дена била физички малтретирана од сопругот.
Жената била донесена со возило на Итната медицинска помош од Гостивар, а по приемот била во тешка состојба и слабо контактибилна. Според информациите што ги објави „Слободен печат“, таа пред лекарите и полицијата изјавила дека сопругот ја тепал во текот на два дена.
На пациентката ѝ се вршат дополнителни медицински испитувања, меѓу кои и компјутерска томографија на главата, по што се очекува да биде хоспитализирана. Таа има повреди на градниот кош и главата, деформитети на лицето и хематом на устата.
Раководителот на Ургентниот хируршки центар, доктор Дејан Здравковски, супспецијалист по трауматологија и општа хирургија, потврдил дека пациентката е на иследување и дека полицијата е известена за случајот.
„Настанот се случил вчера, ама денес е пријавено. Полицијата е известена и разговара со неа. Жената е од Гостивар“, изјавил Здравковски за „Слободен печат“.
Медицинските иследувања сè уште траат, а полицијата разговара со повредената жена за околностите под кои настанало насилството.

