Најмалку седум ученици загинаа, а 99 други се повредени денеска при експлозија во средно училиште во источната авганистанска покраина Кунар, соопшти портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Авганистан, Абдул Матин Кани.
Претходно, локалната полиција информира дека загинале најмалку 30 ученици , а околу 40 други се повредени.
Портпаролот на полицијата, Фарид Дехан, изјави дека експлозијата се случила околу 10 часот по локално време (6:30 часот по средноевропско време) во училиште во округот Андар Сир.
Нема информации за причината за експлозијата, а се стравува дека конечниот биланс на жртви може да биде поголем.
Истражни екипи од покраината Кунар, која граничи со Пакистан, беа на местото на настанот, рече Дехан.
Во август, во напад со рачна граната врз училишен комплекс во авганистанскиот главен град Кабул беа повредени повеќе од 40 деца на возраст од девет до 14 години.

