По нападот со остар предмет врз жената во гостиварско село, кој ја потресе јавноста, уште три пријави за семејно насилство во Охрид, Прилеп и Скопје
Напад со остар предмет врз 42-годишна жена во гостиварско село, која со тешки телесни повреди и во бессознание била пренесена на лекување во скопските клиники, е најтешкиот од неколкуте случаи на семејно насилство регистрирани во полицискиот билтен на 27 ноември. По овој настан, во кој 52-годишен маж ја нападнал сопругата во семејниот дом, полицијата евидентирала уште три пријави за физички напад, закани и агресивно однесување врз жени во Охрид, Прилеп и Скопје.
Во 15:40 часот во СВР Охрид, 19-годишна жена од охридско пријавила дека била физички нападната во домот на нејзиниот невенчан сопруг Н.Д. во Охрид. Според пријавата, во нападот учествувале тој, неговата мајка Л.Д. и неговиот татко З.Д.
Од СВР Охрид информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.
Истиот ден, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода 30-годишниот Б.С. од село во Општина Кривогаштани, по претходна пријава дека ѝ упатувал закани на својата 19-годишна сопруга. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Во Скопје, пак, 36-годишна жена пријавила дека нејзиниот поранешен партнер агресивно се однесувал кон неа и ѝ упатувал закани по животот. Случајот бил пријавен во СВР Скопје на 27 ноември во 18 часот, а полицијата презема мерки за негово расчистување и документирање.
Случаите повторно го отвораат прашањето за безбедноста на жените во семејниот и партнерскиот контекст, особено во период кога јавноста е потресена и од најтешките последици на родово базираното насилство – фемицидите. Од физички напади и закани до напад со остар предмет, полициските пријави сведочат за различни облици на насилство врз жени, при што секој случај бара навремено постапување и соодветна заштита на жртвите.

