Повеќе тешки повреди, убодни рани и скршеници на ребрата добила 42-годишната жена од гостиварското село Топлица, која по нападот била пронајдена во бессознание. Обвинителството отвори истрага против нејзиниот 52-годишен сопруг и побара притвор, оценувајќи дека постои опасност да избега, да влијае врз сведоци или да го доврши делото.
Семејното насилство во гостиварско село Топлица добива и кривично-правна квалификација за обид за убиство. Основното јавно обвинителство Гостивар донело наредба за спроведување истражна постапка против 52-годишен маж, осомничен дека на 27 ноември со умисла се обидел да ја лиши од живот својата сопруга.
Според обвинителството, за време на расправија во семејниот дом, осомничениот употребил физичка сила и остар предмет, со кој повеќепати ја удирал жената во главата, лицето и телото.
Од нападот таа се здобила со повеќе тешки телесни повреди, убодни рани и скршеници на повеќе ребра, поради што паднала во бессознание.
Настанот во полиција го пријавил таткото на осомничениот, а кога полициските службеници пристигнале во домот, ја пронашле жената без свест. Таа била пренесена на лекување, а поради сериозноста на повредите од болницата во Гостивар била упатена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Јавниот обвинител, имајќи ги предвид тежината на кривичното дело, опасноста од бегство, можноста осомничениот да влијае врз сведоци, како и ризикот да го доврши делото, до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор.
Против 52-годишникот се води истражна постапка за кривично дело убиство во обид, согласно член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 од Кривичниот законик.

