Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска се огласи за случајот со 42-годишната жена од гостиварско село, која со тешки телесни повреди и во бессознание беше пренесена на Клиниките во Скопје, откако, според пријавеното, била физички нападната од својот 52-годишен сопруг. Жената е во животозагрозувачка состојба и е сместена на интензивно лекување, а осомничениот по апсењето бил спроведен во Психијатриската болница во Скопје.
Според информациите од МВР, на 27 ноември во 14:10 часот, во гостиварско село, полициски службеници од Полициското одделение Галате го лишиле од слобода М.М. (52). Претходно, неговиот татко пријавил дека околу 12:30 часот во семејниот дом синот физички ја нападнал својата 42-годишна сопруга, при што употребил остар предмет и ѝ нанел повреди.
На жената првично ѝ била укажана лекарска помош во болницата во Гостивар, но поради сериозноста на повредите, во бессознание била пренесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде биле констатирани тешки телесни повреди и била задржана на лекување.
При лишувањето од слобода, осомничениот давал отпор и физички нападнал полициски службеници, при што повредил еден од нив. Од МВР информираат дека за настанот бил известен јавен обвинител, а 52-годишникот бил спроведен во Психијатриската болница – Скопје. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Според дополнителните информации објавени во медиумите, жената била примена во Ургентниот хируршки центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со тешки повреди на главата и градниот кош, по што била префрлена на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).
Според информациите за нејзината здравствена состојба, кај жената биле констатирани скршен череп, крвавење во мозокот, сериски фрактури на ребрата, воздух во плевралната празнина и делумно колабирано белодробно крило. Биле направени и дополнителни испитувања на абдоменот поради сомневањата дека била удирана и клоцана во пределот на стомакот.
Обвинителството: Се преземаат итни дејствија за прибирање докази
Од Основното јавно обвинителство, одговарајќи на прашањата на „Слободен печат“ за правната квалификација на делото и постапувањето во случајот, посочиле дека квалификацијата ќе биде определена врз основа на доказите.
„Правната квалификација ќе биде одредена согласно доказите. Сторителот е обезбеден и се постапува. Се преземаат сите дејствија за итно прибирање докази, согласно воспоставената процедура за итна координација и постапување по пријави за семејно насилство. Вклучени се и полициски службеници и Центарот за социјални работи“, се наведува во одговорот на Обвинителството.
Од институцијата посочуваат дека постапувањето е во тек, а правната квалификација ќе зависи од доказите што ќе бидат обезбедени во текот на истрагата.
Во случајот се вклучени и Центарот за социјални работи и полицијата, а осомничениот е обезбеден и се преземаат дејствија за целосно расчистување на настанот.
СДСМ бара итна собраниска седница по случајот со претепаната жена од Гостивар
По случајот со претепаната жена пратениците на СДСМ и коалицијата побараа итна седница на Собранието.
Тие поднеле барање до претседателот на Собранието, Африм Гаши, веднаш да свика седница на која единствена точка на дневниот ред ќе биде постапувањето на институциите во спречувањето на насилството врз жените и семејното насилство, како и заштитата на жртвите.
„Уште една жена се бори за живот по пријавено семејно насилство. Жена од Гостивар синоќа била донесена во Клиничкиот центар во Скопје во животозагрозувачка состојба. Доста е институционален молк и непреземање одговорност“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од партијата бараат институциите да го отворат прашањето за нивното постапување во случаите на семејно насилство и за мерките што ги преземаат за навремена заштита на жените жртви на насилство.

