СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања за новото поскапување на парното греење, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука од 1 декември цената на топлинската енергија за домаќинствата да се зголеми во просек за 7,56 проценти. Опозицијата обвинува дека власта повторно удира по џебот на граѓаните и дека животот им го претвора во преживување, додека од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат дека поскапувањето е последица на повисоката цена на природниот гас и дека цената на парното во Скопје останува пониска од онаа во повеќе главни градови во регионот.
Од СДСМ реагираа дека ова е трето поскапување на парното од почетокот на годината, со што вкупното зголемување достигнува близу 20 проценти. Според пресметките што ги презентираше Кети Штерјова на партиска прес-конференција, едно просечно домаќинство ќе плаќа околу 460 денари повеќе месечно во споредба со почетокот на годината.
„Секогаш кога Христијан Мицкоски ќе најави намалување, следува покачување. Од следната недела следува нов ценовен удар врз семејните буџети на граѓаните. За дури 7,56 отсто поскапува парното. Ова е трето поскапување од почетокот на годината, вкупно за близу 20 проценти“, истакна Штерјова.
Таа предупреди и на најавеното поскапување на електричната енергија од 1 јануари следната година, оценувајќи дека тоа ќе повлече нов раст на цените на храната и услугите, додека платите на граѓаните остануваат непроменети.
Од СДСМ посочуваат дека цените на храната веќе се високи, а минималната плата од 26.000 денари, според нивните оценки, не е доволна ниту за покривање на основните прехранбени потреби.
„Како луѓето да обезбедат 71.000 денари за да ги покријат само основните животни потреби? Ниту три минимални плати не стигнуваат. Каде се сметките, облеката, превозот, трошоците за деца, киријата? Народот живее крпен живот. Граѓаните прават математики како да врзат крај со крај од прво до први“, рече Штерјова.
Таа ја обвини Владата дека не презема мерки за заштита на животниот стандард и дека ги одбила предлозите на СДСМ за помош на граѓаните и зголемување на минималната плата на 600 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека поскапувањето на парното е одлука на Регулаторната комисија за енергетика, а не на Владата, и дека причината е зголемената цена на природниот гас на светските берзи, како последица на геополитичките случувања.
Од партијата посочуваат дека зголемувањето не зависи ниту од ВМРО-ДПМНЕ ниту од СДСМ, а како аргумент ги наведуваат цените на централното греење во другите регионални главни градови.
Според споредбените пресметки што ги презентираат, парното во Софија е за 18 проценти поскапо отколку во Скопје, во Сараево за 44 проценти, во Белград за 81 процент, а во Љубљана за 86 проценти. Просечната референтна месечна сметка во Скопје изнесува 2.681 денар, додека во Сараево е околу 3.858 денари, во Белград 4.860 денари, а во Љубљана околу 5.000 денари.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека разбираат оти секое зголемување претставува дополнителен товар за домаќинствата, но оценуваат дека централното греење во Скопје и натаму е значително поевтино во споредба со повеќе градови во регионот. Воедно, упатија критики кон СДСМ, обвинувајќи ја опозициската партија за безидејност и политички напади.
РКЕ: Од 1 декември парното поскапува во просек за 7,56 проценти
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе одлука за зголемување на цената на топлинската енергија од 1 декември, поради зголемената цена на природниот гас на светските берзи, поврзана со геополитичките случувања.
За домаќинствата што се снабдуваат од ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Производство на топлина и ЕСМ Енергетика, зголемувањето ќе изнесува во просек 7,56 проценти. За корисниците приклучени на мрежата на поранешна Топлана Скопје Север, односно сегашна Енерџи Еколинк, цената ќе се зголеми за 5,84 проценти.
Со новата одлука просечната месечна сметка за парно ќе се зголеми за 188 денари и ќе изнесува 2.681 денар.
Од РКЕ информираат дека одлуката следува откако сите компании што ги снабдуваат потрошувачите со топлинска енергија во Скопје доставиле вонредни барања за промена на регулираниот максимален приход и ревидирање на цената на топлинската енергија, утврдена во јули, а применувана од 1 август 2026 година.
Во Скопје со топлинска енергија се снабдуваат близу 70.000 потрошувачи.

