Околу 1.200 нови работни места за градежни и сообраќајни инженери, геодети, технички и лаборантски кадар, оператори на градежни машини, возачи и други квалификувани и неквалификувани работници се очекува да се отворат со забрзувањето на изградбата на автопатот Прилеп – Битола, најави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
На саемот за вработување во Прилеп, организиран од компанијата „Бехтел и Енка“, Николоски оцени дека проектот претставува голема можност за вработување на младите инженери, но и за други категории работници од Пелагонискиот регион.
„Со забрзување на динамиката на изградба на автопатот Прилеп – Битола се отвораат некаде околу 1.200 нови работни места, можност за вработување на околу 1.200 луѓе, што за целиот Пелагониски регион претставува огромна можност“, изјави Николоски.
Тој посочи дека ќе се бараат градежни и сообраќајни инженери, геодети, технички и лаборантски кадар, оператори на градежни машини, возачи, како и квалификувани и неквалификувани градежни работници.
Николоски истакна дека саемот ќе трае неколку дена, а можноста за пријавување ќе биде отворена за жителите на Прилеп и околните општини.
„Можноста ќе биде отворена, еве, повторувам уште еднаш, се отвораат 1.200 работни места. Она што исто така сакам да го кажам е дека двете компании, Бехтел и Енка, се на врвот кога ќе го видите просекот на исплатена месечна нето-плата“, рече Николоски.
Тој наведе дека просечната нето-плата во компаниите за 2025 година изнесувала 137.000 денари и дека, како што рече, немаат плата под 60.000 денари.
Николоски ги повика жителите на Прилеп, Могила, Новаци, Росоман, Кривогаштани, Крушево, Демир Хисар, Ресен и Битола да аплицираат за работните места, посочувајќи дека во наредните три години се очекуваат интензивни активности на проектот.
На саемот присуствуваа и претставници на „Бехтел и Енка“, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, заменик-министерот за економија Марјан Ристески и пратеници. Тие ги презентираа можностите и условите за вработување, како и динамиката на изградба на автопатот Прилеп – Битола.

