Министерката за образование и наука Весна Јаневска не гледа причина за најавениот студентски протест поврзан со студентскиот оброк, оценувајќи дека со предложените измени државата им нуди на студентите повеќе од она што во моментов го добиваат.
Одговарајќи на новинарско прашање за време на натпреварот за бизнис-идеи на средношколци, организиран од Brainster Next, Јаневска рече дека правото на протест е загарантирано, но оти не ја разбира логиката на незадоволството од мерка со која, според неа, се подобруваат условите за студентите.
„Правото на протест е загарантирано, но јас навистина не разбирам против што би протестирале. Државата им нуди повеќе од тоа што го имаат, а тие сакаат против тоа да протестираат. Не ја гледам логиката“, истакна Јаневска.
Таа информира дека е формирана работна група која работи на решенијата поврзани со студентскиот оброк и дека процесот се одвива интензивно.
„Формирана е работната група, многу брзо се развива проектот. Заинтересирани сме брзо да се развие проектот. Во комуникација сум со релевантните студентски собранија и мислам дека немаме проблем и дека многу брзо ќе дојдеме до решението“, нагласи министерката.
Јаневска додаде дека Министерството за образование и наука континуирано вложува во подобрување на студентскиот стандард, преку инвестиции во студентските домови, научноистражувачката дејност и други мерки наменети за младите.

