СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања реагираат по одлуката на Уставниот суд да го укине Колективниот договор за култура и членот 78-љ од Законот за култура.
Опозицијата тврди дека се загрозени работничките права на повеќе од 2.000 вработени и обвинува за политичко влијание врз судството, додека од ВМРО-ДПМНЕ одговорноста ја лоцираат кај поранешната влада на СДСМ и ДУИ, тврдејќи дека таа донела неуставен договор.
СДСМ: Укинати се работничките права на над 2.000 вработени
Од СДСМ велат дека укинувањето на Колективниот договор е преседан и удар врз правната сигурност и работничките права на повеќе од 2.000 вработени во културата.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на партијата, Наташа Поповиќ, изјави дека ова е првпат Уставниот суд да укине колективен договор.
„Ова е преседан, за првпат во Македонија се случува Уставен суд да укине Колективен договор. Погребана е правдата и правната сигурност. Правда нема, има контролирано судство кое носи одлуки под диктат на власта“, рече Поповиќ.
Таа обвини дека ударот врз вработените во културата почнал со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, посочувајќи дека Колективниот договор не бил почитуван и дека бил сменет начинот на пресметка на платите, поради што работниците биле принудени да поднесуваат тужби и правдата да ја бараат пред судовите.
Според Поповиќ, со одлуката на Уставниот суд сега им се одзема и таа можност.
Таа ја критикуваше и одлуката поранешниот министер за култура Зоран Љутков да биде именуван за национален координатор за култура со плата над 100.000 денари, додека повеќе од 2.000 вработени, како што рече, се оставени без сигурност.
„Политичката одлука на Уставниот суд отвора врата да се укинуваат и други колективни договори. Одлуката за некакво одложено дејство е само маска“, изјави Поповиќ.
Од СДСМ тврдат дека во Буџетот за 2027 година не се предвидени средства за исполнување на обврските од Колективниот договор и дека по одлуката ќе има неизвесност околу пресметката на следната плата.
„Сега нема да се знае како ќе се пресмета следната плата на вработените. Ќе следуваат нови произволни пресметки, притисоци врз вработените и дополнително кратење на нивните права“, рече Поповиќ.
Таа потсети дека Колективниот договор бил резултат на синдикална борба, преговори и социјален дијалог, склучен во време на владата на СДСМ.
„СДСМ е на страна на работниците и ги подобрува работничките права, ги покачува платите и стандардот, а ВМРО ги укинува“, порача Поповиќ.
ВМРО-ДПМНЕ: Одговорноста треба да се бара кај Заев и владата на СДСМ и ДУИ
ВМРО-ДПМНЕ возврати дека СДСМ и Левица треба да престанат да манипулираат и дека одговорноста за донесувањето на, како што наведуваат, неуставниот Колективен договор треба да се бара кај поранешниот премиер Зоран Заев и владата на СДСМ и ДУИ.
„Одлуката за укинување на Колективниот договор во културата ја носи Уставниот суд, а не Владата. Одговорите на прашањата зошто бил донесен неуставен колективен договор треба да се побараат кај експремиерот Зоран Заев и владата на СДС и ДУИ“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Уставниот суд ги образложи причините за укинувањето на договорот
Уставниот суд, пак, вчера соопшти дека ја укинал одредбата од Законот за култура и Колективниот договор по спроведена постапка во која ја оценувал нивната уставност и законитост, како од аспект на постапката за донесување, така и од аспект на содржината.
Според образложението на Судот, со Колективниот договор биле уредувани прашања кои, според својата природа, требало да бидат регулирани со закон. Методологијата за пресметување на платите, коефициентите и системот на плати биле утврдени со Колективниот договор, наместо со законска регулатива.
Судот оценил дека со ваквото уредување е доведено во прашање начелото на владеење на правото. Дополнително, утврдил дека начинот на пресметување на основната плата и додатоците во Колективниот договор се разликувал од решението предвидено во членот 78-љ од Законот за култура, што, според Судот, е спротивно на членот 51 од Уставот.
Во однос на законската одредба, Судот оценил дека не биле утврдени суштинските елементи на системот на плати, ниту јасни критериуми и параметри врз основа на кои би се определувале платите, туку таа обврска била пренесена на основачите на јавните установи.
Судот оценил и дека ваквото решение може да доведе до нееднаков третман на вработените во јавните установи од иста дејност, бидејќи различни основачи би можеле да воспостават различни модели и критериуми за утврдување на платите за исти или слични работни места.
Од Уставниот суд објаснија дека при определувањето на одложеното дејство на одлуката ги зеле предвид бројот на вработените опфатени со Колективниот договор, нивната егзистенцијална и финансиска сигурност и потребата да се обезбеди континуитет во остварувањето на работничките права.
Во врска со обвинувањата дека на Синдикатот на културата на Македонија не му било овозможено да ги изнесе своите аргументи, Судот информира дека му испратил барање да се произнесе во определениот рок. Од СКРМ не бил добиен одговор, додека Министерството за култура, Владата и СОНК доставиле свои одговори.
Уставниот суд нагласи дека го почитува правото на мирен протест и јавно изразување на незадоволството, но и дека нема надлежност да одлучува за барањата на културните работници за повисоки плати и подобри услови за работа, туку да ја оценува усогласеноста на правните акти со Уставот и законите.
Синдикатите со симболичен погреб на правдата протестираа пред Уставниот суд
Пред одлуката на Судот, Синдикатот за култура на Македонија организираше протест пред зградата на Уставниот суд, на кој се приклучи и раководството на Сојузот на синдикатите на Македонија. Протестот беше одржан во знак на незадоволство поради постапувањето по предметот за Колективниот договор и членот од Законот за култура.
Претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска, праша зошто за договорот од чие опстојување зависат стекнатите работнички права на илјадници вработени се одлучува токму во моментот кога на двајца уставни судии им истекува мандатот, меѓу кои и на претседателот на Судот.
Таа посочи дека постојат предмети што со години чекаат да бидат разгледани, а меѓу нив и иницијативата на СКРМ за Упатството за пресметка на платите во културата, донесено од поранешниот министер Зоран Љутков.
„Знаеме дека во овој суд има предмети што со години чекаат да дојдат на ред. Така се купувало мир. Но, некои имаат привилегија да бидат решени токму пред заминувањето на судиите“, рече Атанасовска.
На протестот членовите и поддржувачите на СКРМ организираа симболичен погреб на правдата и работничките права, со звуци на посмртен марш и запалени свеќи.
Атанасовска нагласи дека протестот не е обид за притисок врз Уставниот суд, туку начин работниците да го искажат своето незадоволство и да предупредат дека нема да се откажат од своите права.
„Денес можеби ќе погребаат еден колективен договор, но нека не се надеваат дека со тоа ќе ги погребаат и луѓето што се борат за него“, рече таа.

