Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, но по влажни коловози, информира Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта.
Од претпријатието посочуваат дека екипите на „Македонија пат“ се целосно мобилизирани и во изминатото деноноќие континуирано работеле на терен со расположливите човечки и технички ресурси, со цел да се обезбедат безбедни услови за одвивање на сообраќајот.
Состојбата на патиштата постојано се следи, а екипите работат на расчистување, одржување и обезбедување проодност на патните правци, особено на планинските превои.
Од „Македонија пат“ апелираат до возачите да бидат дополнително внимателни, да ја приспособат брзината на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено при намалена видливост.
Воедно потсетуваат дека возачите задолжително треба да поседуваат зимска опрема во возилата.

