Со овации и силни емоции, публиката во Скопје му оддаде почит на композиторот Славе Димитров, кој неодамна наполни 80 години. На концертот кој се одржа вчера посветен на неговото музичко творештво настапија некои од најпознатите домашни изведувачи, придружувани од Националниот џез оркестар под диригентство на Емин Џијан.
Вечерта започна со „Евридика“, првата песна на Димитров, која ја изведе Ѓоко Танески, а заврши со „Чија си“ – композицијата што остави посебен белег во неговата кариера. Во завршницата, Димитров излезе од публиката и се качи на сцената, каде што му се придружија сите 20 изведувачи.
Еден од најемотивните моменти беше поклонот на Игор Џамбазов пред композиторот. Димитров ја отпеа „Чија си“ заедно со изведувачите, а публиката стана на нозе и го поздрави со долготраен аплауз и овации.
Композиторот вечерта ја проследи седнат покрај сопругата Лилјана, синовите Дарко и Оливер и четирите внуци.
На сцената имаше и семејни музички моменти. Стево Чепишевски настапи со едната внука, а потоа им се придружија и неговата ќерка Сара и нејзината втора ќерка, па заедно ја изведоа песната „Зелката има кошули 300“.
Публиката ја проследи и премиерата на спотот за песната „Ах, таа Тања“, која своевремено ја испеа Владо Јаневски во емисијата „Дајте музика“. Новата верзија е претставена како постхумен дует на Јаневски и Пајак.
На концертот настапија Калиопи, Тамара Тодевска, Каролина Гочева, Павле Камилоски, Александар Тарабунов, Дац и Александар, Маја Саздановска, Маја Панчева, Игор Џамбазов, Агни Авшар, Мартија Станојковиќ, Сашо Гигов Гиш, Ана Петановска, Олгица Христовска, Пере и Миа Перевска и Билјана Ѓошева.
Низ песните и приказните на Џамбазов, концертот беше потсетување на музичкото наследство на Димитров и на композициите што одбележаа генерации слушатели.

