Повеќе села во земјава останаа без струја, како последица на снежните врнежи, информира денеска Центарот за управување со кризи. Во информацијата која се однесуваше на состојба до 13,30 часот, се вели дека најсложена е ситуацијата во Гостиварскo и во Тетовскo.
Така, во Општина Тетово без електрична енергија се Попова Шапка, с. Лисец и с. Гајре, во Општина Бреница без електрична енергија се селата Горен Челопек, Долен Челопек и Милетино, а во Општина Боговиње, каде што кипите работат на расчистување кон селата Урвич и Јеловјане, без електрична енергија се селата Камењане, Палчиште и Калник.
Проблеми имало и во Гостиварско. ЦУК јавува за расчистување на патиштата кон повисоките планински населени места, за кои се очекува да бидат проодни во периодот од 16:00 до 17:00 часот. Без електрична енергија се селата Вруток, Ново Село, Цветково, Церово, Речане, Беловиште, Здуње, Градец, Горна и Долна Бањица, Сушица, Ѓоновица, Куново, Трново, Трница, Врбјане, Сенче, Волковија, Нистрово и Белица.
И во Општина Врапчиште екипите работат на расчистување на патиштата кон повисоките планински населени места, меѓу кои Ѓурѓевиште, Врањовце и Ломница.
Во Општина Крива Паланка, експресниот пат до граничниот премин Деве Баир е прооден. Проодни се и патните правци кон Калин Камен, с. Конопница и с. Дурачка Река. Расчистувањето на патиштата кон планинските села ќе продолжи во текот на утрешниот ден.
Од ЦУК апелираат до граѓаните, доколку се соочат со блокирани патишта, отежнато одвивање на сообраќајот, поплави или други итни ситуации, да го контактираат единствениот број за итни повици 112.

