дома Локално „Зимзоленд“ ќе се демонтира, работел без дозвола од Град Скопје, утврдени и...

„Зимзоленд“ ќе се демонтира, работел без дозвола од Град Скопје, утврдени и други неправилности

Зимзоленд

Општина Аеродром ќе го отстрани забавниот парк „Зимзоленд“, откако беше утврдено дека лунапаркот речиси две недели работел без никакви дозволи и неопходна документација.

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски  вечерва потврди дека „Зимзоленд“ работел без дозвола од Градот.

„Како што најавив, така и постапуваме. Нема отстапки, нема компромиси со хаосот. Ги отстрануваме сите појави кои го узурпираат просторот што им припаѓа на скопјани, го попречуваат движењето и го нарушуваат јавниот ред. Скопје мора да биде град во кој владеат правила, а не самоволието. Вработените од ЈП „Градски паркинг“ ги отстрануваа неправилно паркираните возила долж улицата „Пластичарска“. По пријави од граѓани, постапивме и на Зимзоленд. Инспекторатот беше на локацијата и утврди дека градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност. Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект. Дополнително, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи, објави Ѓорѓиевски на Фејсбујк.

Од Општина Аеродром, пак велат: „Вчера во попладневните часови е извршен заеднички вонреден инспекциски надзор над работењето на организираната манифестација „Зимзоленд“. Во надзорот учествуваа Градежна инспекција на Општина Аеродром, Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Дирекција за заштита и спасување. Градежен инспектор на Општина Аеродром изврши увид и отпочна инспекциска постапка согласно со Законот за градење, Законот за инспекциски надзор и Законот за општа управна постапка за отстранување на поставената опрема“.

Дополнителни неправилности откриле и инспекциите. Од Државниот пазарен инспекторат велат дека при вчерашната акција затекнале лица што вршеле нерегистрирана дејност. Тие ќе бидат казнети, а сопствениците на базарот се повикани да ја достават целата документација, вклучително и онаа што покажува кој управувал со „Зимзоленд“.

Проблеми имало и со санитарните услови. При вонреден надзор, Агенцијата за храна и ветеринарство утврдила дека организаторот не е регистриран како оператор со храна и воопшто не ја известил Агенцијата дека ќе се продава храна. Поради неисполнети хигиенски услови, изречени се парични казни.
„Поради неисполнување на основни хигиенски услови за поставување на штандови на кои ќе се произведува и ќе се врши промет со храна, АХВ изрече мерки на секој штанд (на физички и на правни лица), но и на правното лице организатор на манифестацијата „Зимзоленд“. Нему покрај парична казна од 500 евра, изречена му е и мерка времена забрана за вршење дејност производство и промет со храна“, соопшти Агенција за храна и ветеринарство.

Во меѓувреме, МВР интервенирало на дел од сообраќајниот хаос, бидејќи овој див луна – парк создава вистински сообраќаен хаос во Ново Лисиче.

ПредходнаГрчките земјоделци повторно го блокираа сообраќајот на Евзони (Богородица)
СледнаАљбан Кадриу, предложен за нов член на Судскиот совет