дома Култура Се одржа 29. издание на „Златна бубамара на популарноста“: Емотивна вечер исполнета...

Се одржа 29. издание на „Златна бубамара на популарноста“: Емотивна вечер исполнета со солзи, овации и светски ѕвезди, но без Сашко Коцев

Вчеравечер во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје се одржа 29-тото издание на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, една од најдолговечните и најпрепознатливи културни манифестации во Македонија. Настанот собра најпопуларни имиња од музиката, телевизијата, спортот и јавниот живот, како и светски ѕвезди, за да ја проследат изминатата година низ музика, хумор и сатиричен осврт на актуелните случувања.

Сцената беше осветлена и декорирана на светски ниво, со повеќе од 120 учесници и музичари, кои беа задолжени за одличната  енергија во салата.

На почетокот на сцената се појавија Тино и Атанас, кои со политички шеги за „апсолутната власт“ и препознатливиот хумор ги насмеаја присутните. Тие се извинија за минатогодишните шеги и се оградија за оние што ќе ги кажат  ова година:

„Шегите ни се монтирани, друг ги пишува, сите се крадени, но да се извиниме за сè што кажавме минатата година“, по што следеше громогласен аплауз и многу смеа.

Талентираната Тина Русева, победничката на германското музичко шоу на „Гласот на Европа“, воодушеви со моќната интерпретација на „Не допирај ме“, со што уште еднаш докажа дека е врвен вокал.

Еден од најемотивните моменти на вечерта беше настапот на Игор Џамбазов, кој со солзи во очите рецитираше стихови на легендарната српска поетеса Десанка Максимовиќ, посветени на масакрот во Крагуевац во 1941 година, а потоа го отвори патот за својот трогателен говор посветен на трагедијата во Кочани на 16 март 2025 година:

„Кој ги уби децата во Кочани? Ги убија наши неодговорни луѓе, нелуѓе. Тоа е новиот фашизам, награден со алчност и корупција. Тоа е новиот лик на светот, кој никому не му се допаѓа. Кому пречеа? Тие деца не пречеа никому! Само се жртви на еден голем хаос, кој зацрни цел еден град. Слава им на ангелите! Нека чекорат по облаците. Небото ги заслужува повеќе од нас“.
 

Публиката стоеше на нозе во молк, а на видеобимот беше испишан насловот „Македонска крвава бајка“. Џамбазов ги спомена и сите уметници кои ги изгубивме во изминатата година, меѓу кои Тоше Поп Симонов, Драган Б. Костиќ, Васил Рингов, Тихомир Јанчовски, Милка Ефремова, Соња Каранџуловска, како и членовите на групата „ДНК“ кои загинаа во пожарот во Кочани.

Настапија светски музички ѕвезди како британската соул, фанк и диско сензација Delegation, која ја подигна публиката на нозе, и американската соул ѕвезда Марта Хај, која ја доби наградата за трајни вредности и го исполни настапот со емоција и енергија. Регионалното откритие на годината, Јаков Јозиновиќ, исто така настапи и изјави:

„Чест ми е за оваа награда! Да слушнев дека некој ме знае во Македонија, ќе бев воодушевен“.

Манифестацијата траеше три и пол часа, со музика, смеа, награди и емотивни моменти, на изненадување на многумина кои го очекуваа неговиот хумор, Сашко Коцев немаше можност да биде дел од програмата, поради работните обврски надвор од Македонија.

повеќе тука…

ПредходнаМинистерството за транспорт објави повик за набавка на 150 електрични еколошки автобуси
СледнаСиљановска до Бегај: Жителите на Пустец да се прашаат дали сакаат мигрантски кампови на нивната територија